Во првиот квартал од 2013 година, во услови кога европската економија беше во рецесија и забележа негативна стапка од 1,2 проценти, македонската економија оствари позитивен раст на БДП од 2,9 проценти. Тоа е четврто најдобро остварување во Европа. Само Латвија, Литванија и Турција имаа повисоки стапки на раст на БДП во првиот квартал во 2013 година, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Одговарајќи на пратеничкотото прашање на Владимир Ѓорчев за вкупните перформанси на македонската економија во 2013 година, Ставрески потсети на состојбата во европската економија.
– Економскиот амбиент во кој работиме се уште е тежок и чувствителен имајќи предвид дека европската економија во првите неколку месеци од 2013 година оствари резултати кои беа полоши од очекувањата. Последните податоци се дека европската економија и во првиот квартал од 2013 беше во рецесија. Германија како локомотива на еврозоната имаше пораст од само 0,1 процент што е помал од очекувањата, Франција имаше пад од 0,2 проценти. Италија, Шпанија, Грција сите имаа негативни стапки на БДП, истакна Ставрески.
Истото, како што рече, е слуачј и во поголемиот дел од земјите од Југоисточна Европа и тука има негативни резултати, почнувајќи од Словенија, Хрватска па и Србија.
– Во тој контекс можеме да кажеме дека сите наши најзначајни трговски партнери имаа лош почеток на годината. Негативните случувања во економијата најдоа одраз и на пазарот на трудот во Европа. Забележано е зголемување на невработеноста во речиси сите европски земји, посебно во Грција и Шпанија каде невработеноста достигна 27 проценти. Буџетскиот дефицит е повисок од три проценти во дури 11 земји на ЕУ, а експлодираше и задолженоста. Се проценува дека 2013 година Грција ќе има долг од 175 проценти од БДП, Италија 131, а Белгија 101, Британија 96…, рече Ставрески.