Американскиот претседател Џо Бајден денеска ја имаше првата средба со неговиот руски колега Владимир Путин, а по неа изјави дека е задоволен, затоа што разговорите имале позитивен тон.
„Многу прашина се крена околу овој состанок. Не постои подобар начин за дијалог отколку лице в лице“, рече американскиот претседател пред новинарите.
Тој додаде дека и Путин и тој делат заедничка одговорност за глобалната стабилност, како лидери на две силни земји.
Американскиот претседател го опиша тонот на самитот со Путин како позитивен. Тој, сепак, додаде дека го предупредил Путин за какво било мешање во изборите во САД.
„Јас јасно објаснив дека нема да толерираме обиди за кршење на нашиот демократски суверенитет или за дестабилизација на нашите демократски избори и дека ќе одговориме на ваквите обиди“.
„Мојата политика не е насочена против Русија. Моја одговорност како претседател е да им овозможам подобар живот на своите граѓани. Ниеден претседател не може тоа да го направи, доколку не се залага за демократските вредности, кои подразбираат слобода за сите луѓе на светот. Тоа е дел од ДНК на нашата земја, тоа сме ние“, изјави Бајден, додавајќи дека како претседател на таква земја, негова обврска е да се бори за човековите права и да им помага на загрозените, како рускиот опозиционер Алексеј Навални.
Откако претходно Путин на својата одвоена прес-конференција направи паралела меѓу симпатизерите на Трамп кои упаднаа во американскиот Конгрес и Навални, Бајден ја отфрли таквата споредба како „смешна“.
Претседателот на САД рече дека го покренал и прашањето за ослободување на двајца поранешни американски маринци, Пол Вилан и Тревор Рид, кои моментално се наоѓаат во руски затвор.
На крајот на прес-конференцијата, Бајден беше запрашан и дали тој сега повторно ќе размисли околу својата изјава за Путин од 2011 година, кога тогашниот американски потпретседател рече дека рускиот претседател „нема душа“.
Кога го слушна прашањето, Бајден само ги стави очилата за сонце и се симна од подиумот, заблагодарувајќи им се на сите.
Бајден изјави дека тој и рускиот претседател Владимир Путин детално разговарале за следните чекори што треба да ги преземат двете земји за мерки за контрола на оружјето за да се намали ризикот од војна.
Говорејќи на прес-конференцијата, Бајден рече дека дипломатите и воените експерти од двете земји ќе се состанат како дел од, како што рече, дијалогот за стратешка стабилност за да се постават темелите за идните мерки за контрола на оружјето и намалувањето на ризиците. Тој не кажа кога ќе започнат разговорите.
Што се однесува на Украина, Бајден изрази непоколеблива посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
Коментирајќи го времетраењето на средбата, која траеше три часа, што е помалку отколку што предвиде Белата куќа, Бајден нагласи дека на состанокот, двајцата челници успеале да покријат голем број теми.
„Знам дека надворешната политика изгледа како голема вештина која дејствува како таен код. Сета надворешна политика всушност е логично проширување на личните односи. Тоа е начинот на кој човековата природа функционира“, оцени Бајден.