Претседателите на САД и Русија Џо Бајден и Владимир Путин ги завршија состаноците во Женева, соопшти Белата куќа.
Двајцата лидери денеска беа на состаноци околу четири часа, прво во потесен состав, а подоцна и во поширок, со вклучување на дополнителни претставници од обете страни, што траеше околу 65 минути.
Путин и Бајден, според договореното, ќе одржат одделни прес-конференции, а рускиот претседател веќе ја одржа својата.
Путин денешните разговори со неговиот американски колега ги оквалификува како „контруктивни“. Тој рече дека разговорите „не биле непријателски, туку всушност биле прилично конструктивни“, при што обете страни покажале подготвеност меѓусебно да се разберат.
– Општата оценка е следна, мислам дека немаше непријателство. Напротив, нашата средба помина принципиелно. На многу начини, нашите проценки се разликуваат. Но, според мое мислење, двете страни сепак покажаа желба да се разберат и да бараат начини за приближување на ставовите.Разговорот беше многу конструктивен, изјави рускиот лидер пред новинарите во Женева по руско-американскиот самит.
Тој го опиша Бајден како искусен државник.
– Два часа разговаравме, тоа е нешто што не можете да го направите со повеќето политичари. Тој значително се разликува од поранешниот претседател Трамп, оцени Путин.
Путин рече дека разговарал за широк спектар на прашања со неговиoт американски колега, од стратешката стабилност, до соработката на Арктикот.
– Претпоставувам дека темите им се познати на сите: стратешка стабилност, сајбер-безбедност, регионални конфликти, трговски односи. Разговаравме и за соработката на Арктикот, рече Путин.
Шефот на руската држава исто така посочи дека и САД и Русија имаат посебна одговорност за стратешката стабилност во светот.
– Ние сме двете најголеми нуклеарни сили: по количина на оружје, боеви глави, снабдувањето и нивото, квалитетот на современото нуклеарно оружје, рече Путин, додавајќи дека и двете земји се свесни за оваа одговорност. Тој најави дека Москва и Вашингтон ќе започнат дискусии за можни измени на неодамна продолжениот договор за контрола на оружјето „Нов СТАРТ“.
Путин истакна дека Русија им доставила на САД сеопфатни информации за сајбер-нападите. Тој рече дека тој и американскиот претседател Џо Бајден се договориле да започнат консултации за сајбер-безбедноста. Рускиот претседател тврди и дека американски хакери нападнале цели во Русија.
Путин изјави дека се договориле со американскиот претседател за враќање на амбасадорите. За потсетување, рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов и американскиот амбасадор во Русија Џон Саливан се повлечени во своите матични земји во последните месеци, поради зголемените тензии меѓу САД и Русија.
Во разговорите е разгледувана и стратегија за нуклеарна стабилност, регионалните конфликти како и трговски прашања.
Русија и САД, според Путин, се договориле за почеток на консултации за сајбер-безбедноста.
Рускиот претседател рече и дека на средбата едвај станало збор за опозиционерот Алексеј Навални, кој е во затвор, при што воопшто не му изговори името, туку на него посочи како на „тој човек“. Обвинувајќи го Навални за намерно кршење на законот, Путин рече: Го направи она што сакаше да го направи.