Агенцијата за национална безбедност на САД со години собирала податоци од граѓани на државата за е-маил пораки и воопшто за употреба на интернет. Тоа го објави весникот Гардијан, наведувајќи дека тоа е уште една програма за масовно следење граѓани во САД.
Програмата почнала по терористичките напади од 11 септември 2001 година со одлука на администрацијата на Буш. Била прекината во 2011 година бидејќи Агенцијата проценила дека не била ефикасна за спречување терористички напади.
Според официјални лица од Кабинетот на Обама, сите податоци се избришани во 2011 година.
Се собирале податоци за имејл адреси и ИП адреси на корисници, но не и содржина на електронски соопштенија. Гардијан публикуваше документи со детали за собирањето на тие податоци иако самата програма беше опишана порано од Вашингтон пост.
Биле класифицирани т.н. metadata (податоци): телефонски број од кој се повикува, телефонски број кој е повикуван, траење на разговор, датум, кај имејл пораките – испрќаш, примач, наслов на пораката, датум, но не и содржината на пораката.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност објави вчера детали за 54 терористички заговори кои биле осуетени од програмите за електронско следење.
Според него, во 50 од 54-те случаи имало апсења или приведувања. Од нив, 25 апсења се во Европа, 11 во Азија и пет во Африка. Тринаесет од спречените терористички закани биле подготвувани на територијата на САД, додаде генерал Александер.