Дигитално реставрирана копија на македонската комедија „Мирно лето“ беше преставена синоќа во летното кино на Кинотеката, именувано токму по овој филм на режисерот Димитрие Рули Османли.
Проекцијата на „Мирно лето“ можеше да се следи и онлајн и преку лајв-стриминг на профилите на социјалните мрежи на Кинотеката и на кинотечниот јутјуб-канал. Како што соопшти Кинотеката, филмот нема целосни оригинални негативи, туку само позитив 35-мм копии кои останале од кинодистрибуцијата во минатото и денес не се технички соодветни за проекции.
– Затоа, тимот на Кинотеката – Игор Старделов, филмолог-советник и раководител на Архивот, Александар Трајковски, филмолог и Тихомир Кашмицовски, филмски техничар – го надгледуваа процесот на скенирање на интернегативи во 2К-резолуција, кои беа обработени од лабораторијата „Клик филм“ во Загреб. Звукот, исто така, беше дигитално обновен и завршен е новиот 2K мастер, од кој сега се достапни DCP и други дигитални верзии за прикажување и архивирање, информира Кинотеката.
Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов во оваа пригода го претстави и проектот „Сезона на класични филмови“, кој веќе втора година се организира од Асоцијацијата на европски архиви (ACE), каде што Кинотеката членува од 1998 година. Во оваа ексклузивна ревија на архивски и реставрирани филмски класици вклучени се и филмските архиви од повеќе европски центри.
– Целта на оваа иницијатива, координирана од ACE и финансиски поддржана од програмата MEДИА на Европската комисија, е да се доближи европското филмско наследство до публиката и да се запознае младата популација со она што за постарите претставува филмска класика, повеќе луѓе да погледнат што повеќе наслови од европската филмска ризница – со проекции во живо и онлајн, со лајв стрим пренос, а филмските архиви и институции да ги споделат со светот своите реставрирани филмови, рече Ангелов.
Кинотеката соопшти дека в среда (16 јуни) во летното кино и онлајн ќе го прикаже првиот македонски игран филм „Фросина“ на Воислав Нановиќ.