Осумнаесет дрвја на улицата „Орце Николов“ во Дебар маало се исечени, а дел од жителите бурно реагираа со обвинувања кон градските власти дека се полоши од нивните претходници. Улицата е соголена, а градоначалникот Саша Богдановиќ „А1он“ вели дека акцијата се спровела бидејќи сите отстранети дрвја биле шупливи и морало да се исечат. За тврдењата дека акцијата ја направиле без претходно известување, Богдановиќ вели дека тоа е неточно и уверува дека квартот не уништен, туку дрворедот ќе се обнови. Акцијата ја спроведуваа десетина работници, а решенијата за сечата се донесени од Град Скопје.
„Со неколкуте суви, ги убија и највисоките што ја правеа ‘Орце Николов’ една од најубавите улици во Центар. Ја убивте ‘Орце Николов’. Лажевте дека нема да сечете ниту едно дрво. Драги медиуми, начинот на кој се уништи оваа улица и на кој ни се одзема можноста да живееме со малку повеќе воздух треба да ни е тема денеска, утре, секогаш! СДСМ, начинот на кој уништивте цел кварт, крвнички сокривајќи се зад некакви решенија на некакви си органи само покажува какви сте!“, стои во само една од десетиците реакции по социјалните мрежи.
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, тврди дека сечењето на осумнаесетте дрвја е за доброто на жителите. Според него, сите биле оштетени и имало опасност да паднат.
„Решението за сечење на дрвја ги носат стручни служби на Град Скопје. Станува збор дека при контрола на дрвјата, добар дел од нив имале уништени корени, внатре се шупливи и дека при самата реконструкција која ја работиме или пак понатака, можат да паднат и да направат штета. Не дај Боже да се случи некој да настрада. Не може да се обвинува дека се сечат дрвја како порано бидејќи порано се уништувал парк за да се изгради зграда. Овде се отстранува старо болно дрво и се заменува со ново исто дрво, кое ќе биде исто такво. Имаше известување, решение објавено пред неколку денови. Имаме луѓе кои реагираат, односно скоро сите кои живеат на таа улица реагираат дека им паѓале гранки на автомобилите. Ние ќе засадиме нови дрвја“, вели Богдановиќ за „А1он“.
Тој додава дека вакви реакции имало и кога се возобновувал дрворедот во Центар во близина на полициската станица Беко.
„Кога го правевме паркингот кај ‘Палома Бјанка’, таму имаше диви дрвја. Ние пуштивме известување дека отстрануваме дрвја кои што се штетни. И луѓето реагираа. Потоа, ги засадивме дрвјата, а сега е супер. Истото е и сега. Не го работиме ова ние на празник, во три наутро, во викенд. Сите што живеат таму, тоа го знаат. Отстранети се 18 дрвја и ќе се засадат нови 18 од иста врста. Дрворедот нема да го менуваме“, рече Богдановиќ.