Во рамки на подготовките за претстојните локални избори претседателот на НСДП Тито Петковски, вчера на велешкото езеро „Младост“ имаше работна средба со претседателите на општинските организации на партијата од третата изборна единица, информираат од НСДП.
Покрај другото, Петковски им порача на општинските раководства на партијата, при утврдувањето на кандидати за градоначалници и составувањето на советничките листи да не се ограничуваат на членовите на партијата, туку да се анимираат и граѓани кои не се членови на ниту една политичка партија.
„При утврдувањето на листите пресудно влијание треба да има квалитетот на кандидатите, нивниот мотив и желба да учествуваат во подигнувањето на квалитетот на животот во местото на живеење“, истакна Петковски пред сопартијците.
Претседателот на НСДП порача дека луѓе кои имаат идеи, мотиви и визии за развој на локалните заедници во кои живеат, треба да добијат шанса да се кандидираат за градоначалници или пак за членови во општинските совети. Компетентноста, стручноста и креативноста мора да добијат примат пред партиската припадност и овој потенцијал да се канализира во функција на развојот на општините.