Во летното кино на Кинотеката во петок во 20.00 часот ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ на режисерот Димитрие Османли, од 1961 година.
Петочната проекција на „Мирно лето“ истовремено ќе биде пренесувана во живо на јутјуб каналот преку линкови објавени на кинотечната страница „Фејсбук“ и на веб-страницата на Кинотеката.
На проекцијата ќе ѝ претходи видео во кое д-р Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија.
-Пред и после филмот, за доловување на атмосферата од 60-тите години на минатиот век – кога „Мирно лето“ ги полнеше кино-салите, инспирираше патувања до Охрид, женска мода, престој во (тогаш) новоотворениот луксузен хотел „Палас“, и воопшто, беше репер за едно безгрижно, весело живеење во кругот на семејството и блиските пријатели – ќе се погрижи реномираниот џез-вокалист Џон Илија Апелгрин со својот бенд со свој краток перформанс, соопштија од Кинотека.
Инаку, Апелгрин e внук на Илија Џувалековски, кој се појавува во една од водечките улоги во оваа комедија.
Влезот на проекцијата во петок, на 11 јуни ќе биде бесплатен, но со претходно резервирани билети, а протоколите за заштита од „ковид-19“ остануваат на сила.
Дигитално реставрираниот „Мирно лето“ ќе биде достапен за гледање онлајн преку каналот на Кинотеката и во следните пет дена по оваа негова втора, „дигитална премиера“.
-Оваа година навршуваат точно шест децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Со Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во главните улоги, како Дара и Заре – чие посакувано и очекувано „мирно лето“ на охридското крајбрежје ќе се претвори во бучно дефиле на роднини, пријатели и патници-(не)намерници, актерскиот ансамбл го сочинуваат тогашните филмски и театарски ѕвезди Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева, се наведува во соопштението на Кинотека.
Проекцијата е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката, со двата класика ФРОСИНА и МИРНО ЛЕТО. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска.
Целта на оваа иницијатива координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки – Association des cinémathèques européennes) – и е поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија – е да се доближи европското филмско наследство до публиката и младата популација да се запознае со она што за постарите генерации претставува „филмска класика“.
„Сезоната на филмски класици“ се одржува втора година по ред, а овој пат, во овој циклус на проекции со свои реставрирани историски и културно значајни филмови за европската и светска кинематографија, учествуваат 22 филмски архива од цела Европа, односно од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и од „соседите“ од нашиот регион – Загреб, Атина, Тирана, Софија.