Американскиот државен секретар Џон Кери исклучи какво било решение на сириската криза по воен пат.
– Тоа не е Либија. Ситуацијата е различна од многу аспекти, истакна Кери на прес-конференција во Кувајт по разговорот со кувајтскиот министер за надворешни работи Сабах ал Халид ал Хамад ас Сабах.
Кери посочи дека во борбите во Либија не учествувале странски копнени сили, за разлика од Сирија, каде либанското движење Хезболах се бори на страната на режимот против сириските бунтовници.
– Не е возможно воено решение. Треба да се погрижиме да постигнеме дипломатско решение, истакна Кери.
Режимот на Моамер Гадафи во Либија беше соборен по осум месеци востание и воздушни напади од страна на НАТО.