Брендот за облека „Бершка“ во реакција на наводите дека во една од продавниците во белградски трговски центар има поставено камера во гардеробите, ги негира информациите и појаснува дека конкретната камера ја снима исклучиво касата.
Катарина Колозеус, сопругата на српскиот пејач Љубомир Перуќица, во објава на Инстаграм ја сликаше спорната камера, која, како што може да се види, е поставена веднаш над кабината во која се пресоблекуваат муштериите. Објавата предизвика многу реакции, а се јавија и поранешни вработени во тој бутик, кои тврдеа дека се снимаат и гардеробите, а снимките не се прегледуваат освен кога има случаи на кражба.
Српските медиуми објавија и дека во полицијата потврдиле оти камерата е со висока резолуција и дека се врти до агол од 180 степени, но немаше информација за тоа дали таа снимала и дали се чуваат евентуалните снимки.
„Во нашата компанија работиме на заштита на здравјето и безбедноста на нашите купувачи и на вработените. Во таа смисла, сакаме да нагласиме дека „Бершка“ воопшто и под ниту едни услови не ги снима клиентите во кабините за проба“, велат од компанијата, која е дел од шпанскиот текстилен конгломерат „Индитекс“.
„Камерата која е во прашање го снима исклучиво подрачјето на касата и тоа е единствената причина поради која е таму поставена. Исто така, имајте на ум дека по најстроги процедури и закони, снимките од нашите видеосистеми им се достапни на надлежните органи“, се додава во соопштението од компанијата.