Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Русија има задржано голем број војници во близина на украинската граница. На состанок со група американски сенатори тој ја обвини Москва дека повлече само дел од нејзините сили, што во април ги концентрираше во близина на границата со Украина, што потоа предизвика сериозна загриженост на Западот и Украина.
Концентрацијата на руски сили се случи во време на постојаното прекршување на примирјето во конфликтот меѓу украинските сили и бунтовниците во источна Украина, кои се поддржани од Русија
Руската армија кон крајот на април соопшти дека ги повлекла своите трупи откако завршиле воените вежби, но на војската и наредила да го остави оружје во југозападна Русија, во близина на Украина, за уште една голема воена вежба, што е закажана за септември.
Зеленски тврди дека Русија досега повлекла само дел од над 100.000 војници за кои украинските власти соопштија дека пролетва биле распоредени во близина на границата.
-Тие повлекоа само околу 10.000 војници, рече Зеленски на состанокот со тројца американски сенатори во Киев. Тој посочи дека повлекувањето на руските сили било само декларативно.
Демократката Џејн Шенон од Њу Хемпшир, членка на Комитетот за надворешни работи на Сенатот, републиканецот Роб Портман од Охајо и демократот од Конектикат Крис Марфи изразија силна поддршка за Украина.
Посетата на сенаторите на двете партии испраќа јасна порака дека САД се посветени на обновување на трансатлантските односи и повторно воспоставување на американското глобално лидерство во промовирање на демократските вредности, се наведува во заедничкото соопштение на сенаторите.
Генерал-мајор Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана, изјави дека руската армија внимателно ќе ја следи заедничката вежба меѓу НАТО и Украина, што треба да се одржи во јуни и јули.
Тој оцени дека вежбата ќе послужи како покритие за снабдувањето на Украина со оружје и муниција и предупреди дека руската армија ќе ги следи вежбите и дека „ќе одговори во согласност со развојот на ситуацијата со цел да се обезбеди воена безбедност на Русија“.