Големо внимание во српската јавност денеска предизвика информацијата дека во бутик на меѓународниот ланец на продавници за облека „Бершка“ била поставена камера во гардеробите, која наводно и ги снимала купувачите додека се пресоблекуваат.
За случајот прв објави пејачот Љубомир Перуќица, кој на Инстаграм напиша дека неговата сопруга, Катарина Колозеус, била многу вознемирена кога ја забележала камерата над кабината за пресоблекување во продавницата, која се наоѓа во еден од белградските молови.
Објавата на Перуќица има стотици споделувања и илјадници коментари, во кои луѓето прашуваат како е воопшто законски можно да се постави камера на тоа место. Неговата сопруга веднаш реагирала кај вработените во продавницата и кај обезбедувањето, но тие ѝ кажале дека камерата не работи.
Брачниот пар го пријавил бутикот во полиција, од каде им било потврдено дека конкретната камера снима во одлична резолуција и дека ротира за 180 степени.
Перуќица и Колозеус велат дека во меѓувреме ги контактирале поранешни вработени во таа продавница на „Бершка“, кои им потврдиле дека камерата цело време е вклучена и снима, но оти менаџментот не ги гледа снимките, освен во случаи на кражба.
„Јас ја сликав камерата и се вознемирив дека е можно и таа да снима, но во ниту еден момент не можам со сигурност да тврдам дека таа ја снима кабината. Сметам дека камерата не треба да биде таму – тоа не е место за ротирачка камера“, изјави Колозеус.
Во дел од коментарите на Инстаграм може да се најдат и тврдења дека камери се поставени и во гардеробите на продавниците „Страдивариус“ и „Pull&Bear“, кои како и „Бершка“, се дел од истата групација – шпанската „Индитекс“. Компанијата засега не ги коментира наводите за поставената камера и најавува свој став за подоцна, кога реакцијата ќе биде формулирана во седиштето на групацијата во Шпанија.