Министерот за внатрешни работи на Косово, Бајрам Реџепи го именува Ненад Ѓуриќ за вршител на должноста регионален командир на полицијата во северниот дел на Косово.
Името на Ненад Ѓуриќ на оваа функција го потврдил и премиерот Хашим Тачи. Одлуката е во рамките на договорот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, според кој, северните општини со мнозинско српско население имаат право да предложат регионален командир на полицијата.
Ненад Ѓуриќ беше вршител на должност командир на полициската станица во Звечане. Тој беше суспендиран на барање на регионалниот командир.
Според соопштението на косовската полиција, тој тогаш бил суспендиран за непочитување на командната хиерархија во врска со дозволата за влез на српски функционери на територијата на Косово, како и одбивањето да конфискува српски регистарски таблички на косовски граѓани.