Според последните податоци во моментов во земјава активни се 1.197 случаи на заболени од Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега во земјава од Ковид-19 се заразија 155.269 лица, оздравеа 148.664, а починаа 5.408, што укажува на драстичен пад на бројките, како и добра основа за најавеното олабавување на мерките за заштита од Ковид-19.
Имено, откако во петокот Комисијата за заразни болести заседаваше, беше донесена одлука, врз основа на стивнувањето на пандемијата и намалувањето на бројот на активни случаи во изминатите недели, да се достави предлог до Главниот координативен кризен штаб за олабавување на рестриктивните мерки.
Од Министерството за здравство информираа дека Комисијата до Штабот предложила од 1. јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни. Предлага и да престане да важи забраната за групирање на отворено – при групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски, да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде шест.
– Спортските натпревари на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 отсто од капацитетот на стадионот. Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по шест гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат во сила. Полицискиот час останува во сила, наведоа МЗ.
Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе бид дозволена и организација на ваков тип настани.
Според последните информации од Министерството за здравство, поради намалениот број новозаболени лица е намалена и оптовареноста на болниците. Во изминатиот период некои ковид-оддели беа затворени и беа вратени во функција на нивната основна намена.
Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Новитет е страницата https://vakcinacija.mk/revaccination, која е наменета за регистрација за ревакцинација на лицата кои се вакцинирале во странство. Страницата ќе биде во функција до 6 јули.
Се уште најголем број на новозаразени лица се бележи во Скопје. Од моменталните активни 1.191 случаи, 506 се во Скопје. Според последните податоци, во Дојран и Демир Капија нема ниту еден активен случај.