Со изложба на дела од академскиот сликар Решат Амети, која ќе се отвори вечер и цртање на отворено на хамер на штафелаи поставени на асфалт, која ќе се одржи денеска напладне, продолжува манифестацијата „Струмица град на културата 2021“.
Покрај овие културни настани, до крајот на месецот планирано е да се одржи концерт на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица по повод седумдесетгодишнината од постоењето. На 24 мај ќе се одржат 14. Роднокрајни поетски средби во чест на словенските просветители и учители, Светите Кирил и Методиј.
Љубителите на пишаниот збор и ликовната уметност на 27 овој месец ќе можат да присуствуваат на промоцијата на книгата „Зборовите на тишината“ од Александра Атанасова и да ја погледнат нејзината изложба на ликовни творби. Ден потоа ќе биде промовиран музејскиот водич за деца ,,Патување низ минатото”.
Настаните за овој месец завршуваат со изложба насловена „Цвеќе-2021“ и доделување награди по распишаниот ликовен конкурс по повод Републичките детски средби за оваа година на 31 мај.
Во програмата на „Струмица град на културата 2021“ се планирани над 150 настани, кои ќе се реализираат во соработка со Домот за деца и млади “Благој Јанков Мучето”, Градската библиотека „Благој Јанков Мучето”, НУ „Завод и Музеј Струмица“, НУЦК „Антон Панов“ и здруженија на граѓани.