Гаранцијата од близу 11 милиони евра за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, да се брани од слобода ја дале правни лица, велат за „А1он“ од Обвинителството. Ниту Обвинителството ниту Управата за финансиска полиција не истражуваат како се заработени понудените 10.8 милиони евра гаранција за слободата на Мијалков.
Обвинителот Артан Ајро на прашањето дали побарал да се провери како е стекнат понудениот имот како гаранција, место одговор, го цитираше Законот за кривична постапка.
„Согласно член 150 став 2 од ЗКП гаранција може да даде обвинетиот лично за себе или за обвинетиот гаранција може да даде некое друго лице, во случајов понудената гаранција е обезбедена од правни лица“, одговори обвинителот Ајро на прашање од „А1он“.
Од Управата за финансиска полиција велат дека немаат отворено предмет со кој би го истражиле потеклото на понудениот имот како гаранција.
„Обвинителството не побара од нас да направиме истрага за потекло на имот по понудената гаранција од 10.8 милиони евра. Кај нема таква истрага, доколку ни биде побарано ќе провериме“, велат од Управата за финансиска полиција за „А1он“.
Според податоците од Централниот регистар, ексдиректорот Мијалков е запишан како сопственик на Фондацијата „Свети маченик Димитриј Солунски“ од Скопје, на боксерскиот клуб „Јордан Мијалков“, се води како сопственик и на фирма за подготовка и послужување пијалаци „Спин груп“ и во деловно неактивниот полициски боксерски клуб „Безбедност“.
Листата фирми во кои се јавува како сопственик неговиот син Јордан Мијалков, пак, е значително подолга. Тој, во Централниот регистар се води како сопственик на „Бест веј инвестмент“ од Скопје, а оваа фирма, е сопственик на Друштво за градежништво, трговија и услуги „Софија градба ДОО Скопје“, Друштво за трговија и услуги „Медикал хаус ДОО Скопје“, Друштво за трговија и услуги Омпетрол оил ДООЕЛ Петровец“, Друштво за приредување на игри на среќа „Макс бет ДОО Скопје“, Друштво за производство, трговија и услуги „Дивелоп груп ДОО Скопје“ и Друштво за хотелиерство и туризам „Хотел гранд М ДООЕЛ Скопје“.
Јордан Мијалков дополнително е директен сопственик и на боксерскиот клуб „Јодран Мијалков“ каде што сопственик е и неговиот татко.
Обвинителот Ајро нема конкретен одговор на прашањето дали се заинтересирал за начинот на кој синот на Мијалков, со оглед на годините и искуството, станал сопственик на фирмите.
„Доколку некој поседува докази за незаконито стекнување на имот е должен истите да ги достави до институциите надлежни за откривање на овој вид на криминал кои согласно своите надлежности во соработка со обвинителството ќе преземат дејствија за расчистување на случаите“, вели обвинителот Ајро прашан за фирмите на синот на ексдиректорот.
Кривичниот совет и покрај позитивното мислење од обвинителот Ајро, одби да го ослободи Мијалков. Обвинителот, па ваквата одлука, вели дека ќе ја почитува независноста на судот и нема на кој било начин да влијае врз неговата одлука.
Ексдиректорот Мијалков беше спроведен во затворот во Шутка на крајот на февруари откако му беше изречена казна затвор од 12 години за масовното прислушување, односно судскиот процес „Таргет – Тврдина“. Притворот му беше продолжен се до пресудата за судскиот процес „Трезор“ за набавката на опремата за нелегално прислушување каде обвинителите одново пробараа притвор за Мијалков се до правосилност на пресудата. За случајот „Трезор“ Мијалков доби казна затвор од 8 години која се уште не е правосилна.