Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад смета дека вооружувањето на бунтовниците во земјата само ќе го продолжи конфликтот, нагласувајќи дека не планира да и ја предаде власта на опозицијата за време на мировните преговори во Женева.
– Вооружувањето ќе ја спречи конференцијата во Женева. Тоа ќе ја продолжи кризата и ќе им овозможи на терористите да извршат повеќе злосторства. Секогаш кога сириската армија ослободува некое село, западните земји велат дека има дисбаланс на силите и дека треба да се вооружи опозицијата, изјави сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем два дена по одлуката на групата „Пријатели на Сирија“ да ја зголемат помошта за опозицијата.
Тој истакна дека постојат „големи сомневања за намерите“ на западните земји, кои сакаат да ја вооружат сириската опозиција поради израмнување на силите во конфликтот.
– Не одиме во Женева за да и ја предадеме власта на другата страна, туку да воспоставиме вистинско партнерство и да создадеме широка влада на национално единство, која ќе вклучува претставници од сите категории на народот, додаде Муалем.