Локалната полиција почна истрага по експлозија проследена со пожар во домот на претседателот на Селтик, Питер Ловел, објави попладнево шкотскиот фудбалски прволигаш од Глазгов.
Куќата и автомобилот на Ловел претрпеле „значителна штета“, наведе Селтик, додавајќи оти клупскиот претседател заедно со семејството во брзање го напуштиле својот дом „исклучително вознемирени и шокирани“.
Тиражниот шкотски весник „Дејли Рекорд“, цитирајќи неименуван извор, објави дека нападот бил извршен со „молотов коктел“. Весникот наведе дека прво бил запален автомобилот, а откако возилото експлодирало, пожарот се проширил на соседниот објект.
Ловел ги брои последните недели на чело на еден од најтрофејните шкотски клубови, откако во јануари објави дека се повлекува од должноста на крајот од јуни. Негов наследник ќе биде Доминик МекКеј, поранешен претседател на Шкотската рагби федерација.
Селтик по девет години неоспорна доминација во шкотскиот фудбал сезонава му ја препушти шампионската титула на најголемиот ривал Глазгов, кој првенството го заврши без пораз и со 25 бодови пред Селтик.