Обвинителот Артан Ајро, наместо објаснување зошто дал позитивно мислење ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, да излезе од притвор, за „А1он“ вели дека не е платен да одговара на новинарски прашања. За разлика од останатите обвинители, Ајро на висок тон и дрзок начин, не даде одговор на ниту едно прашање за притворот на Мијалаков, туку кажа дека тој си знае што е точно, а што не е точно од информациите кои се пласираат на јавност, а меѓу кои се и обвинувањата за потплатување со цел Мијалков да излезе од затвор.
„Ќе ве замолам да не ме барате. Има прес-служба, се што сакате, барајте таму“, рече Ајро, а по укажувањето дека од прес-службата ги немаат информациите кои ги бараме, тој на висок тон одговори: „Ако не знаат од прес-службата, ќе разберат, не сум платен јас да одговарам на новинарски прашања“.
Прашан дали е точно дека тој дозволува Мијалков да излезе од Шутка, тој кажа: „А бе, јас што е точно си знам за себе, вие барајте официјално преку институција, не преку телефон, ајде пријатно“.
Заедно со Артан Ајро, предметот „Трезор“ во кој Сашо Мијалков доби ефективен притвор, го застапува и обвинителот Трајче Пеливанов. Ниту од него немаше објаснување кој и зошто го дал позитивното мислење за Мијалков да излезе од притвор со парична гаранција од над 7 милиони евра. Тој кажа дека во моментот не може да разговара и да го побараме подоцна.
Токму овие двајца обвинители, пред еден месец, беа уверени дека ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, може да се даде во бегство, бидејќи е моќен човек, има имот и дозвола за престој во странство. Ваквите наводи ги прифати судечкиот совет во случајот „Трезор“ и му одреди притвор на Мијалков до правосилноста на пресудата.
Сега, Апелација одлучува по жалба од ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков и неговите бранители. За разлика од пред еден месец, обвинителот Артан Ајро, сега дал позитивно мислење за Мијалков да го напушти затворот во Шутка и да му се прифати гаранцијата, за да се брани од слобода.
За Сашо Мијалков беа донесени две првостепени пресуди, 12-годишна затворска казна за случајот „Тврдина-Таргет“ и 8 години затвор за случајот Трезор.