Во Македонската опера и балет вечер во рамки на „Скопско лето“ ќе биде изведен француско-германско-македонски филмски концерт по повод 50 години од потпишувањето на Елисејскиот договор, насловен „So this is Paris“.
Организатори се Францускиот институт, Гете институтот, Кинотеката на Македонија и Македонската филхармнија.
Режисер е Ернст Лубич, а актери се Монте Блу, Петси Рут Милер, Андре Беранжер, Лилијан Ташман. Оркестарот го сочинуваат 15-ина музичари од Германија, Франција и Македонија.
„So this is Paris“ е од 1926 и е последната од петте комедии што Лубич ги има режирано од 1924 до 1926 година. Неговиот филм е весела пародија на „подоброто општество“ со измамнички потези, лажни идентитети и фарсична комика.
Музичкиот аранжман за филмот е на Хелмут Имиг кој направил компилација од композиции од доцната романтика. Забавната филмска музика содржи музички цитати од Ерик Сати, Николај Римски Корсаков, Жак Ибер, Јохан Штраус, Фредерик Шопен.
Во Куршумли ан, пак, на програмата на „Скопско лето“ вечер е обновената претстава на Драмски театар „Солунски патрдии“ на Миле Поповски, во режија на Коле Ангеловски.
Претставата премиерно била изведена во 1979 за отворањето на првото „Скопско лето“, исто така во режија на Коле Ангеловски и во Куршумли ан. Подоцна во истиот простор е снимена и телевизиската серија „Солунски патрдии“, која е најгледана и најрепризирана серија на Македонската телевизија.