Кинеските заеми на Западен Балкан привлекуваат сè поголемо внимание како резултат на геополитичките и економските последици, а нивниот удел во надворешните долгови на регионот веројатно ќе се зголеми, иако Кина не е главен кредитор во таа област, се наведува во анализата на УниКредит банка.
-Веројатно најголемиот стимул за владите на Западен Балкан да се задолжуваат од Кина е брзата достапност на финансирањето со неколку предуслови, наведува авторот на анализата, економистот на Уникредит банка во Виена, Мауро Џорџо Марано.
Сепак, официјални претставници на ЕУ предупредуваат на растечкото присуство на Кина во регионот и изразуваат загриженост за прекумерниот фискален товар поради некои проекти, како и влијанијата врз животната средина.
Кредитите обезбедени од кинеската државна банка ЕКСИМ на владите и државните претпријатија на Западен Балкан се претежно со рок на достасување од 15 до 20 години, со каматна стапка од 2-3 отсто и фокусирани се на инфраструктурата, се наведува во анализата „Западен Балкан: Товарот од кинеското финансирање на владите“.
ЕКСИМ банка, која ја поддржува кинеската надворешна трговија, инвестициите и меѓународната соработка, обично финансира 85 отсто од трошоците на проектот, а остатокот е на владите на Западен Балкан.
Во Србија, која има најмногу проекти, кинеските заеми достигнуваат 7 проценти од БДП, во Црна Гора 21 процент, во БиХ 3 проценти и во Северна Македонија 8 отсто.
Албанија е единствената земја во регионот што нема кредит, иако претходно има разговарано со кинеската ЕКСИМ банка за некои проекти.
Просечните годишни отплати се помалку од еден процент од БДП во сите земји во регионот, освен Црна Гора (1,8 отсто) и достигнуваат 57 милиони евра во Северна Македонија, 60 милиони во БиХ, 77 милиони во Црна Гора и 233 милиони во Србија.
Отплатите сочинуваат помалку од десет отсто од вкупните потреби за финансирање во периодот 2021-23 година во сите земји, освен Црна Гора, каде што тие во просек претставуваат 40 отсто во 2022 и 2023 година.
Кина, како што се наведува, не е најголемиот доверител од странство, но нејзиниот удел во надворешните долгови на регионот веројатно ќе се зголеми, доколку заемите се отплатат во согласност со договорите.
Марано, експерт за Централна и Источна Европа во Уникредит, смета дека таквиот тренд може да се надомести со поголема улога на фондовите на ЕУ во финансирањето на инфраструктурни проекти преку Инвестицискиот план на Западен Балкан, кој планира грантови од седум до 18 отсто од БДП за периодот 2021-27 година.
Покрај тоа, од Западен Балкан се очекува да има корист од дополнително финансирање од други меѓународни финансиски институции, како што се Светска банка, ЕБОР и ЕИБ.
Според проценките, тоа финансирање се движи во претходните пет години од просечно 1,1 до 2,2 отсто од БДП годишно во однос на БДП од 2019 година, во зависност од земјата.
Процесот на пристапување во ЕУ може да донесе дополнително финансирање на ЕУ, пишува Марано, додавајќи дека новата методологија за проширување предвидува можност за постепено дополнителни ЕУ трансфери во замена за напредок во спроведувањето на реформите.
Во анализата се наведува дека процесот на пристапување кон ЕУ ќе го подобри кредибилитетот на Западен Балкан и ќе им помогне на земјите од регионот да го користат пазарот на долгови.
Анализата е направена врз основа на увид во извештаите за долгови, законите за буџет, законите за државни гаранции за државни претпријатија и вклучува само проекти за кои договорот за заем е завршен и официјално објавен.