Американскиот претседател Џо Бајден и денеска ја продолжи сагата околу најавената и долгоочекувана средба со неговиот руски колега, ама не понуди нови информации, изјавувајќи само дека „очекува наскоро да може да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин“, додавајќи дека времето и местото на нивната средба „сè уште се договараат“.
Обраќајќи им се на новинарите во Белата куќа, Бајден рече дека тој сака да се сретне со Путин и покрај новото заладување во односите меѓу Русија и Западот, предизвикано од распоредувањето на руските воени сили на границата со Украина.
И Кремљ вчера соопшти дека местото на средбата на Бајден и Путин сè уште не е познато.
„Засега нема нови информации за организирање можна средба меѓу Владимир Путин и Џо Бајден“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, откако претходно Бајден велеше дека средбата само што не се случила.
Двајцата лидери разговараа телефонски на 13 април. Според прес-службата на Белата куќа, Бајден тогаш предложил одржување на руско-американски самит во трета земја во следните неколку месеци, а американскиот претседател потоа ја понуди и опцијата да се сретне со неговиот руски колега некаде во Европа, во текот на летото.