Околу 100.000 жители од Калгари и околината се евакуирани поради поплавите кои го зафатија тој дел на Канада.
Поради обилните дождови дојде до излевање на реките Боу и Елбоу во олимпискиот град и ширум западниот дел на Канада.
Училиштата се затворени, а два хеликоптера и повеќе стотици војници се упатени во 24 населби.
Градоначалникот на Калгари Нахид Ненши ги повика граѓаните да ги напуштат домовите на неколку дена, а и полицијата патролира низ улиците.
Поројните дождови ги блокираа патните правци и мостови во делови на канадската покраина Алберта, но нема извештај за жртви и повредени, пренесе „Ројтерс“, иако претходно „Асошиејтед прес“ наведе дека најмалку едно лице загинало во поплавите кои го погодија југот на Алберта.
„Франс прес“ наведе дека во уште 12 места во соседните канадски провинции е прогласена вонредна состојба.
Елена Георгиевска