Шекеринска – Гуерини: Членството на С. Македонија во НАТО беше инвестиција во стабилноста на регионот

Од:

Италија и Северна Македонија имаат одлична билатерална соработка базирана на заедничката цел: стабилен и просперитетен Балкан за силна Европа. Придонесот на македонската Армија во КФОР во Косово, под команда на италијански генерал, уште повеќе го засили сојузништвото меѓу двете земји и дава придонес кон безбедноста на евроатлантската област, се согласија денеска на средбата во Рим министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот италијански колега Лоренцо Гуерини.

Доказ за зацврстувањето на односите во одбраната, е обновата на Договорот за одбранбена соработка меѓу Северна Македонија и Италија, при што Договорот доби неограничена важност.

Како што соопшти МО, министерката Шекеринска на средбата истакна дека по членството во НАТО, Северна Македонија дава придонес во колективната безбедност во Алијансата.

-Северна Македонија на тоа поле забрзано работи. Ние сме најновата членка на НАТО, што нè прави уште помотивирани да бидеме препознатлив сојузник кој дава значаен придонес во безбедноста на сите триесет земји. Развојот на нашиот најголем полигон, ’Криволак’, кој од високи НАТО – офицери е оценет како полигон кој нуди сеопфатни услови за развој на интероперабилноста, значи и развој на Алијансата. Македонската Армија започна процес на опремување и модернизација кој е овозможен од стабилното буџетирање на одбраната од кое не отстапуваме, рече министерката Шекеринска.

Таа го информираше својот колега за одлуката Армијата на Северна Македонија да испрати штабен офицер во составот на италијанскиот НАТО деклариран корпус.

Италијанскиот министер Гуерини порача дека пристапувањето на Северна Македонија во НАТО е значаен чекор кон зголемувањето на стабилноста и безбедноста на целиот балкански регион. Тој изрази силна поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција.

Балканот мора да биде стабилен – се согласија Шекеринска и Гуерини, а обновата на европската перспектива е важен чекор за безбедноста на регионот.

Министерката Шекеринска во италијанскиот Сенат се сретна и со претседателката на Комисијата за одбрана, Роберта Пиноти, на која се разговараше за соработката во доменот на одбраната. Пиноти на министерката и изрази силна поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Би можело да ве интересира

Петровска: Пристигнато е ново барање од украинска страна за воена помош во моментов се разгледува

Горан Наумовски

Петровска со иницијатива за подигање спомен обележје во Тетово за загинатите во масакрот кај Вејце

Ана Ололовска

Петровска: Речиси 90 милиони евра за воена опрема, учеството во странски мисии ќе чини над 10 милиони евра

A1on

Шекеринска – Брнз: С. Македонија и САД споделуваат исти вредности, двете држави испишаа историја

Ана Ололовска

Министерството за одбрана годинава ќе биде домаќин на најголемата конференција за стратегиски комуникации на НАТО

Ана Ололовска

МО: АП „Криволак“ прерасна во современ домашен и НАТО капацитет, во 2022 тука ќе се одржат седум меѓународни вежби со над 5.000 учесници

Ана Ололовска