Утре ќе биде ставена во функција делницата на пругата во кумановско Романовце, дел од коридорот 10, каде пред една недела воз излета од шините. Отстранети се 12-те вагони кои беа превртени и направена е пругата во должина од 250 метри, поставени се нови прагови и шини, информираат од Министерството за транспорт и врски.
– Јавно да се заблагодарам на вработените во Македонски Железници Инфраструктура, на луѓето кои се вклучија и помогнаа во работната акција која се одвива во изминатите неколку денови и за време на велигденските празници и за време на ифтарот, така што сите овде работат деноноќно околу 50-тина луѓе со цел што поскоро пругата од коридорот 10 да се стави во функција. Сакам да истакнам огромна благодарност за сите коишто дадоа максимум од себе и сега со директорот разговараме да се даде една награда и поддршка за оние луѓе кои во изминативе празнични денови беа на работните места и работеа за доброто на државата, овој инфраструктурен објект да биде ставен во функција, изјави министерот Благој Бочварски.
Директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, Хари Локвенец, рече дека комисијата за вонредни услови ќе го достави извештајот за причините за несреќата, која се случи, минатата среда. Тој се заблагодари на вработените кои, како што рече и покрај празничните денови работеле одговорно и посветено за да се санираат штетите.
– Во средата покрај увидот, четвртокот, петокот, саботата колегите од Македонски Железници Транспорт со помош на механизација од фирмата „Факом“ ги отстранија оштетените вагони, на Велигден понеделник, вторник, имавме ситуација во која цела пруга ја немаше по должина од 250 метри, вработените од Македонски Железници Инфраструктура и покрај празникот со огромен ангажман на колегите муслимани на сите покажавме дека и во вакви вонредни услови со максимална посветеност на вработените можеме да направиме подвиг и да покжеме одговорност и кон компанијата и кон државата, изјави Локвенец.
Тој посочи дека од утре ќе почне да функционира ова делница со нови шини, прагови и дека ангажманот на вработените покажал одговорност кон компанијата и кон државата. Локвенец се заблагодари и на министерството за транспорт и врски и на министерот Бочварски кои се дале поддршка за санација на штетата и повторно ставање во функција на оваа делница од Коридорот 10, исклучително значајна за транспорт и на стоки и добра.
Несреќата на товарниот воз 34702 кој се движеше на релација кон Куманово, носејќи товар толчаник се излизга од шините, се превртеа 12 вагони и беше уништена пруга во должина од 250 метри.