Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ изминатите години спроведе голем број реформи кои се во насока на подобрување на економската клима во државата и најважно од се, подобрување на стандардот на граѓаните, реагира ВМРО-ДПМНЕ на барањето на ЛДП власта да признае дека народот и државата тонат во сиромаштија.
„Ние како партија сме свесни дека постојат голем број предизвици и работи кои мора да се реализираат да се доближиме до целта, а тоа е државата и економијата да се развиваат во континуитет“, пишува во соопштението од ДПМНЕ.
Оттаму велат дека неколку години по ред сме рангирани како топ реформатори во светот, според истражувањата на Светска банка.
„За Македонија доаѓаат признанија дека најуспешно се справува со последиците од светската и европската криза. Токму во таков тежок период за нашата економија успеавме да обезбедиме услови да се отворат нови 98.553 работни места, од 2006 до сега. Нашата земја денес во споредба со околните држави, но и голем број други членки на ЕУ останува една од најмалку задолжените и е посочувана како пример како треба една земја да се справува со долговите и сите последици од кризата“, се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија смета дека Македонија сите овие години има еден од најдобрите резултати во поглед на растот на БДП од земјите од регионот и ЕУ, а оваа година, како што вели, според проценките на релевантни светски институции повторно ќе имаме највисок раст во регионот. Доволен показател, според неа, е дека само во првото тримесечје годинава бруто-домашниот производ бележи раст од 2,9 проценти, што како раст не може да се забележи во ниту една друга држава во нашето опкружување.
„ЛДП се обидува да манипулира со јавноста и не кажува дека кога се коментираат економските параметри се прави споредба со околни земји и економии или со успехот на претходните влади. Да ги потсетиме во ЛДП дека токму во време кога тие беа во коалициска влада со СДСМ, а нивниот тогашен лидер Петар Гошев беше министер за финансии, во Македонија невработеноста достигна рекордно највиско ниво од околу 39 отсто. Тој период, за кој во ЛДП не сакаат да се присетат, ниту имаше должничка, ниту светска економска криза“, пишува ВМРО-ДПМНЕ.