Пријавата за кражба на поголема сума пари од лице од Охрид доставена до полицијата пред три дена била лажна, соопшти денеска Секторот за внатрешни работи од Охрид.
Според полициското соопштение, 31-годишниот Т.М. од Охрид на 18. овој месец во Полициската станица во Охрид пријавил кражба на 35 илјади евра. Притоа тој истакнал дека истиот ден околу 12 часот во Охрид додека се движел пеш на улицата „Славеј планина“ бил пресретнат од непознато лице кое физички го нападнало и со тврд предмет го удрило во пределот на главата. Наводно, од ударот тој паднал во бесознание, при што му била одземена чанта во која имало 35 илјади евра.
Со спроведената полициска истрага, преку анкети, разговори и полиграфско тестирање било утврдено дека Т.М. лажно пријавил кривично дело односно лажно пријавил друг како сторител на кривично дело. Тоа го направил иако знаел дека реално нема сторител што го удрил со тврд предмет и му ги одзел парите. Т.М. со цел да го прикрие трошењето на парите за свои потреби во износ од 35 илјади евра, инаку пари на правното лице каде бил вработен, на 18. овој месец се упатил кон улицата „Славеј планина“, каде пред куќа во изградба забележал бекатон плочка.
Со неа тој два пати си нанел удари во пределот на главата, а потоа легнал на земја односно на песокот кој бил до куќата во изградба претварајќи се дека е во бессознание.
Т.М. во периодот од ноември минатата до јуни оваа година во повеќе наврати подигал пари од сефот на фирмата каде бил вработен и истите ги трошел во спортска кладилница во Охрид при што потрошил вкупно 35 илјади евра. Со цел да го прикрие трошењето на парите Т.М. се одлучил на лажно пријавување на кривично дело и пријавил непознат сторител. Лицето Т.М. досега по ниту еден основ не е познат на
службата како извршител на казнени дела, но против него веќе е поднесена кривична пријава за „лажно пријавување кривично дело“.