Народен правобранител: Замена на класичните учебници со дигитални само ако се исполнат сите предуслови

Од:

Замислата на Министерството за образование класичните учебници да се заменат со дигитални е во ред, но само ако за тоа се исполнети сите предуслови и доколку се земени предвид можностите на родителите/старателите да им обезбедат технолошки уреди на сопствените деца за да можат да ја следат наставата.

Ова е препораката на Народниот правобранител по реакциите во јавноста за предложената реформа, од следната учебна година да се воведат електронски наместо печатени учебници. За препораката на 23 април е информирано и Министерството за образоавние и наука со посебен допис.

Државата, смета Омбудсманот, треба да обезбеди сигурен пристап до технологија (компјутер, лап-топ, таблет или паметен телефон) за секое дете во основното образование, бидејќи бесплатното основно образование е со Устав и закон гарантирано. Во спротивно, оценува, одредени ученици ќе бидат дискриминирани кога станува збор за постигнување знаења.

-Народниот правобранител изразува загриженост дека ваквото решение може да создаде класно раслојување меѓу учениците и уште поголемо потенцирање на разликите меѓу децата. Во иста училница може да има дете кое има најнова верзија на технички уред и дете кое поради неможноста на родителите да му набават каков било уред ќе користи печатена (или фотокопирана) верзија на учебник. На овој начин само ќе се потенцира нееднаквоста меѓу учениците и ова истовремено може да има далекусежни импликации по развојот на детето кое ќе користи печатени учебници и кое може да биде жртва на потсмев, неприфаќање и може да развие чувство на помала вредност, односно да се чувствува инфериорно во однос на другите деца, се наведува во препораката.

Народниот правобранител укажува дека осовременувањето на основното образование и воведувањето реформи во насока кон дигитализација на наставниот процес, мора да базира на добра проценка на реалните можности на самите основни училишта, нивните просторни, технички и технолошки капацитети и ресурси со кои во моментов располагаат, како и со проценка на компетенциите на наставниот кадар во однос на степенот на развиеност на нивните дигитални вештини.

-Ваквата замисла е во ред, но само доколку претходно се обезбедат сите предуслови за ефикасна имплементација на оваа новина во образованието, за сите деца, на еднаква основа. Притоа, треба да се земат во предвид и можностите на родителите/старателите да им обезбедат технолошки уреди на сопствените деца за да можат да ја следат наставата. Во спротивно, најпогодени повторно би биле децата од ранливите групи (деца од социјално загрозени семејства, од рурални средини, деца од повеќедетни семејства) кои немаат пристап до електронски уреди и интернет. За реализација на ваквата настава, исто така е нужно и неопходно сите основни училишта да располагаат со соодветна инфраструктура и опрема (опременост со компјутери, паметни табли и други ИКТ средства, постојан и стабилен интернет достапен во секоја училница), потенцира Народниот правобранител.

Според Народниот правобранител, за реализирање на замислата да се воведат дигитални учебници најпрво е потребно да се евалуира дигиталната писменост (компетенциите) на децата и на нивните родители за користење технички уреди (дигитални учебници) и следствено да се преземат мерки за унапредување на овие вештини, како би можело родителите на учениците да бидат во можност да го следат, поттикнат и помогнат процесот на учење на сопствените деца. Реализирањето на обуки за унапредување на дигиталните вештини, како за учениците, така и за нивните родители ќе овозможи олеснето користење на дигиталните учебници во секојдневната настава.

Покрај ова, Народниот правобранител укажува и на забелешките од експертите дека со употребата на дигитални учебници може да се наруши здравствената состојба на учениците, со оглед дека долгорочното изложување пред екрани е штетно по општото здравје на децата.

-Во овој контекст, во последно време во стручната јавност, психотерапевтите се повеќе говорат за појавата на „екранизам“ – болест на модерното време која е предизвикана од предолгата изложеност на децата пред екраните (со прекумерно користење на техничките уреди) што може да предизвика пореметувања во социјалните и комуникативните вештини кај децата, како и неможност за долгорочно одржување на вниманието и концентрацијата. Следствено, според Народниот правобранител, потребно е вклучување на стручни лица (лекари, психијатри, психолози) во проценката на користа во однос на штетата која може да ја предизвикаат дигиталните учебници, пишува во препораката.

Се додава и дека Министерството за образование и наука задолжително треба да го земе предвид стручното мислење во однос на тоа кои деца, на која возраст, колку часа во денот можат да бидат изложени на екрани, а при тоа да немаат негативни последици по здравјето и развојот.

Народниот правобранител изразува задоволство во однос на тоа дека првпат во учебната 2021/2022 година сите учебници ќе бидат достапни во аудио формат и на Брајово писмо за потребите на учениците со оштетен вид и ги поздравува заложбите на Министерството за образование и наука во оваа насока, но потенцира дека секое училиште треба да биде инфраструктурно прилагодено и опремено (со компјутери со тастаура со Брајово писмо, печатари со Брајово писмо, читачи за екрани и друга потребна технологија) за да може во училницата во која ќе бидат вклучени учениците со потполно оштетен вид, истите на еднаква основа со другите деца целосно да учествуваат во образовниот процес.

Народниот правобранител очекува препораката сериозно да биде разгледана и согласно член 34 од Законот за народниот правобранител за преземените мерки и за ставот на Министерството по оваа Препорака да биде известен најдоцна во рок од 10 дена од приемот на овој допис.

Би можело да ве интересира

20 претставки за загадениот воздух стигнале кај Народниот правобранител

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Повреда на избирачко право, утре ќе може да се пријавува на бесплатната телефонска линија 0800 54321

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Народен правобранител: Пријавете повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321

Митева: Нови набавки во МОН за дигитални учебници без објавени наставни програми