Комитетот на Обединети нации за правата на детето денеска ги осуди израелските сили за лош однос кон палестинските деца, вклучувајќи и тортура на децата во заробеништво и користење на децата како човеков штит.
Во Западниот Брег и во Појасот Газа, територии кои Израел ги освои во шестдневната војна во 1967 година, не се забележуваат податоци за раѓањето на децата и тие немаат здравствена заштита, соодветно образование и чиста вода, се наведува во извештајот на Комитетот.
Во извештајот се посочува и дека израелската војска и полиција систематски ги изложува на деградирачки третман и често на тортура уапсените палестински деца.
– Ако некој едноставно сака да ја зголеми својата политичката необјективност и политичките удари врз Израел, кое не е заснована на нов извештај, на работа на терен, туку едноставно на рециклирање на работи, тогаш тоа нема значење, изјави портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Јигал Палмор.
Поголемиот број палестински деца се апсат и се обвинуваат поради фрлање на камења врз израелските војници, а за тоа можат да бидат казнети дури и до 20 години затвор.
Осумнаесет независни експерти испитуваа како Израел го исполнува договорот од 1990 година во рамките на редовната проверка. Тој документ не го имаат потпишано само САД и Сомалија.