Претседателите на академиите на Македонија и на Бугарија, Владо Камбовски и Стефан Воденичаров, денеска на средба во Софија договорија архивите на двете академии да бидат отворени за бугарските и за македонските истражувачи, јавија бугарските медиуми.
Воденичаров и Камбовски разговарале за соработка на двете институции во шест научни проекти и договориле Бугарската академија на науките (БАН) на крајот на септември да биде домаќин на заедничка средба на раководителите на проектите.
Камбовски иницирал средба на претседателите на академиите од сите балкански земји во Скопје, со цел да се засили соработката и да се предложат механизми за заеднички активности во разновидни проекти.
Средбата меѓу раководителите на МАНУ и БАН завршила со договор за активно учество на научниците од двете академии во европските проекти во претсојната седумгодишна програма 2014-2020.