Народниот театар-Битола во понеделник премиерно ќе ја изведе претставата „Дива“ на Маријана Нола, во режија на Софија Ристевска. Претставата е во продукција на Битолскиот театар и Општина Битола и е дел од програмата на Битолското културно лето „Битфест“.
– Во ова време на либерален капитализам, кога парите го организираат и структурираат човекот, се поставува генералното прашање, дали кариерата или семејството се есенцијата и смислата на животот? Дали на овој век на материјални придобивки, личната и семејната среќа ќе го има приматот врз борбата за финансиски успех? Дива го поставува прашањето дали семејството е, сепак, поважно од се?, рече режисерката Ристевска денеска на прес-конференција.
Во „Дива“ ќе играат Елена Мошевска, Маја Андоновска и Огнен Дранговски. Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, а кореографијата е на Кире Миладиноски.