УНЕСКО по повод Светскиот ден на книгата: Книгите имаат посебна способност да разонодуваат и да поучуваат

Од:

Kнигите имаат посебна способност да разонодуваат и да поучуваат. Тие се средство за истражување на светови вон нашето лично искуство преку запознавање со различни автори, идеи и култури. Тие се средство за пристапување до најдлабоките места во нашиот ум, се вели во пораката на генералниот директор на УНЕСКО, Одре Азуле по повод Светскиот ден на книгата и авторското право – 23 Април.

Таа во својата порака вели дека во овој период на несигурност, многу луѓе се свртуваат кон книгите кои ќе им помогнат да се справат со затвореноста и со неспокојот.

-Навистина, книгите имаат посебна способност да разонодуваат и да поучуваат. Страница по страница, книгите ни осветлуваат патека по која можеме слободно да се движиме, неограничени од времето и просторот. Со други зборови, книгите ни даваат слобода. Тоа е силата на книгите којашто токму сега ни е потребна бидејќи нѐ потсетуваат на основното значење на литературата – како и на уметноста – во нашите животи, пишува Азуле во пораката.

Таа објаснува дека со славење на книгите, ги славиме авторите коишто ни обезбедуваат кратки извадоци од животот и поглед во некоја друга реалност.

Тие, според Азуле, отвораат прозорец кон светот – поточно, прозорец кон други светови и форми на постоење.

-Денеска, исто така, им оддаваме почит на сите дејности поврзани со книгите: уредување, преведување, издавање и продавање. Тие ни овозможуваат да го шириме нашето литературно наследство, да дозволиме изразување на нови идеи и да овозможиме ширење на приказни. Овие професии мора да бидат заштитени, а нивната вредност да биде признаена. Тоа е уште поважно среде пандемијта на Ковид -19 којашто станува длабока и трајна закана за културата, додава Азуле.

Таа појаснува дека УНЕСКО ја поддржува работата на издавачите преку активности како што се партнерствата со Меѓународната федерација на библиотечни асоцијации и институции (ИФЛА) и Меѓународната асоцијација на издавачи (ИПА).

Македонскиот писател Димитар Башевски, во својата порака по повод Светскиот ден на книгата, посочува дека книгата се пробивала низ вековите, менувајќи се не само во физичката форма, ами зафаќајќи далеку и обилно во животните подрачја.

Тој пишува дека во сето создавање и постоење на книгата, витална е слободата.

-Слободата ѝ е инхерентна на книгата како творештво и, исто така, од важност е слободата и слободната мисла и слободниот приод на читателот. Книгите, преведени, се движат во различни култури и на различни јазици. И тоа не е пречка. Не е пречка бидејќи тие се упатени кон луѓето, кон човекот, за кого и самите зборуваат, а тој човек, од овој аспект, е секогаш и секаде ист. Погледнете во Гилгамеш, во Рамајана или во нордиските народни епови или во делата на новите векови, ќе видите дека тоj е секогаш истиот човек – страв, смрт, страдање, љубов, љубомора, омраза, радост, завист, насилства, братоубиства, пишува Башевски.

Книгата, според нашиот писател, е подложна на различни читања и доживувања, и тоа е едно чудесно богатство, баш тие различни читања, кои се различни со оглед на различните читатели, но уште повеќе со оглед на природата на самата уметност, на нејзината химеричност.

-А сепак, има нешто, а тоа е она што се вика уметност, кое е константа. Доаѓаат читателите и критичарите, читаат, согледуваат, доживуваат, се возбудуваат, дознаваат и посочуваат, додава Башевски.

Инаку, по повод Светскиот ден на книгата и авторско право, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска денот ќе го одбележи со редуцирана програма поради пандемијата предизвикана од Ковид-19. Читателите кои ќе дојдат во библиотеката, ќе добијат книга и една роза.

Би можело да ве интересира

Зголемен ризик за загадување, прекумерен риболов и урбанизација на Охридскиот регион и езерото

Охридското крајбрежје заробено од непознати изведувачи – Левица со барање за инспекциски надзор

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Мониторинг-мисијата на УНЕСКО на проценка во Охрид

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

Ковачевски во УНЕСКО: Северна Македонија е мултикултурна реткост и придонесува во ефикасен мултилатерализам