Европската комисија денеска соопшти дека нема да ја спроведе опцијата за купување 100 милиони дополнителни вакцини против Ковид-19 на АстраЗенека, што е вклучена во актуелниот договор за набавка што ЕУ го има со оваа компанија.
Портпарол на ЕК на прес-конференција рече дека рокот за спроведување на оваа опција е веќе истечен и оти ЕУ не планира да ја спроведе.
Комисијата нарача 300 милиони дози од вакцината на АстраЗенека во рамките на договорот кој предвидува 400 милиони дози, од кои набавката на 100 милиони не е задолжителна.
Портпаролот исто така рече дека Европската унија сè уште не одлучила дали ќе преземе правни мерки против АстраЗенека бидејќи не ги испорача договорените количини на вакцината против Ковид-19, изјави денеска портпаролот на Европската комисија.
Тој на брифинг рече дека ЕК ги разгледува сите опции и оти конечните одлуки ќе бидат донесени во договор со сите земји-членки на ЕУ.
Бриселскиот портал „Политико“ објави дека ЕК се подготвува да покрене тужба против АстраЗенека, повикувајќи се на пет неименувани дипломати на ЕУ.
На вчерашниот состанок на амбасадорите, повеќето земји-членки на ЕУ изјавиле дека ќе ја поддржат тужбата против компанијата поради жалбите дека не ги испорачала договорените дози вакцини против коронавирус до Европската унија.
Целта на тужбата е да се принуди Астра Зенека да ги обезбеди дозите предвидени во договорот со ЕУ, се додава во информацијата за која се цитира неименуван дипломат.