Додека чекаат по вакцинирање, охриѓани ќе можат да научат дека за 1500 денари годишно можат да го осигураат домаќинството, да го разгледаат грбот на Општина Охрид или пак да го запаметат логото на порталот „Охридскај“. Нивни реклами има на триесетина места во салата „Билјанини извори“ која се уредува во вакцинален пункт. Ги има на кабините на вакцинирање, на завесите на кабините како и насекаде каде што можело да бидат поставени во салата. Засега, нема пораки за заштита од коронавирусот, како оние во салата „Борис Трајковски“ во Скопје каде што на кабините за вакцинирање ги има упатствата за носење маска, дезинфекција на рацете и одржување растојание, а насекаде се ставени и пораки за одржување на јавното здравје.
Од Министерството за здравство велат дека уредувањето на спортските сали во вакцнални пунктови го прават Општините.
„Спортските сали со помош на локалните самоуправи и спонзорства од компании се пренаменуваат во вакцинални пунктови“, велат од Министерството за „А1он“.
Општина Охрид не одговори на прашањата од „А1он“ за тоа колку чини уредувањето на салата „Билјанини извори“ во вакцинален пункт, кој го плаќа уредувањето и зошто насекаде, покрај грбот на Општината, се рекламира приватен медиум и услуга за приватно осигурување.
За уредувањето на салата „Борис Трајковски“ во вакццинален пункт, најголем во земјава, од Министерството за здравство велат дека не се потрошени државни пари.
„A1 СЦ Борис Трајковски се откажа од надоместок за изнајмување. Просторот беше приспособен за вакцинација со помош на донација од операторот ’А1 Македонија’, кој стави на располагање и компјутери, интернет и друга опрема за мрежна инфраструктура“, велат од Министерството за здравство.
За уредувањето на салата „Билјанини извори“ во вакцинален пункт денес преку социјалните мрежи извести министерот за здравство Венко Филипче.
„Во тек е подготовка на спортската сала ’Билјанини извори’ во Охрид каде наскоро ќе започне масовна имунизација на жителите од овој регион. Во салата се подготвуваат 28 вакцинални пунктови, на кои дневно е во план да се вакцинираат над 1500 граѓани. За вакцинација во салата ангажирани се 50 медицински сестри, 10 лекари и 24 административни работници. Вакциналните пунктови ќе работат во две смени“, објави на Фејсбук“ министерот Филипче.
Тој објави и фотографии на кои се гледаат рекламите на приватниците заедно со грбот на Општина Охрид.
Освен во Охрид, во тек е уредување на спортски сали во вакцинални пунктови во Битола, Кавадарци, Штип, Куманово и Тетово.