Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 64 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 697 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 11 приеми.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 8 примени пациенти и 1 бил примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле билe примени 5 нови болни, а 8 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени 4 пациенти, информираат од Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 53 оздравени пациенти. Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваaт 287 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 139 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 146 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 65 пациенти. На Клиниката за детски болести има 23 деца позитивни на Ковид-19 вирусот, а на ГАК има 5 позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 65 болни.
Вкупно 697 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка, велат од Министерството за здравство.
Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка, се додава во соопштението на Министерството за здравство..