Заменик-спикерот на британскиот Парламент Најџел Еванс денеска е повторно уапсен откако полицијата го осомничи за три случаи на „непристојно сексуално однесување“.
Во мај годинава, Еванс (55) беше првпат уапсен под сомнение за извршено сексуално насилство и силување врз тројца млади мажи. По сослушувањето заменик-спикерот Еванс беше пуштен од притвор со платена кауцја и обврска повторно да се јави на сослушување.
Сомничењето за силување се однесува на три лица на возраст дваесетина година. Сите престапи за кои Еванс е осомничен се случувале во периодот меѓу март 2009 и почетокот на оваа година. Еванс претходно демантираше дека сторил било што незаконско, а уште помалку дека извршил силување.
Денешното апсење се поврзува со случувања во подолг период меѓу 2003 и 2011 година и се однесуваат за „непристојно однесување“ во инциденти што се случувале во Блекпул и во Лондон.
Најџел Еванс е пратеник на владејачката Конзервативна партија уште од 1992 година. Во 2010 година тој беше избран како еден од тројцата заменици на спикерот во Парламентот. Од избувнувањето на аферата, Еванс е суспендиран од сите свои функции во Парламентот.