Цветан Стрезовски: Благодарност и сочувство до семејството на Верица, преку нив на мојот син му се продолжи животот

Од:

„Мојот син успеа преку родителите на Верица успеа да добие срце. На мојот син му се продолжи животот. Тој боледуваше од јануари од слабо срце. Разговаравме со синот, добро се чувствува, се е супер. Голема благодарност до целиот тим на Кардиохирургија на чело со доктор Сашко Јовев и голема благодарност до министерот Венко Филипче, изјави денеска Цветан Стрезовски од Брвеница, татко на Иле Стрезовски на кој рано изутринава му беше трансплантирано срце од починат донор.

22-годишниот Стрезовски страдал од декомпензација на срцето, форма на болест која прави срцето слабо да пумпа, околу 10 проценти од целокупниот капацитет и не бил кандидат за никаква друга интервенција, освен за трансплантација.

„На младиот пациент му преостануваше уште малку живот и немавме други опции. Сакам да дадам посебна благодарност на семејството на дарителот, и на некој начин да ја окуражиме јавноста, дека ова е вистинскиот начин да се помогне некому“, изјави кардиохирургот д-р Сашко Јовев, кој ја водеше трансплантацијата.

Донор е 20-годишната Верица Белчовска, која загина во сообраќајна несреќа, а нејзиното семејство одлучи да ги донира органите.

Во текот на ноќта и претпладнево, освен трансплантацијата на срце, успешно беше завршена трансплантацијата на два бубрези, а за првпат во историјата на македонското здравство е извршена и експлантација на коски и коскени ткива од починат донор кои од понеделник ќе бидат аплицирани кај пациенти.

Ова е втора трансплантација на срце извршена од починат донор во земјава. Трансплантацијата беше направена од тимови од Државната клиника за кардиохирургија и од Клиниката „Жан Митрев“.

„Сакам да изразам благодарност и да честитам на сите членови на тимот кои работеа до раните утрински часови. Бубрезите ги добија уште еден 27 и 40-годишен пациент, а за следната недела се планира имплантација на дел од коскениот систем кај пациенти кои страдаат од малигни болести и дел од коските се зафатени со метастаза“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Тој изрази благодарност до семејството на Белчовска кое во овие за нив тешки моменти, сепак се одлучиле на хуман гест да ги донираат органите.

„Нејзиното семејство и покрај тоа што беа во шок и неверување сепак собраа сила и храброст и се согласија да се донираат нејзините органи за што сакам да им изразам бескрајна благодарност. Направивме организација по принципот на организација на која се направи првата трансплантација на срце минатата година. Се направија мултидисциплинарните тимови и се експлантираа срцето, двата бубрези, и за првпат во нашата земја дел од коскениот систем“, рече Филипче.

Директорот на Клиниката на урологија Сашо Дохчев изјави дека вториот бубрегот трансплантиран кај 40-годишниот пациент бил помал со три артерии, што е реткост но, како што кажа, направиле се што е потребно и добро е тоа што бубрезите профункционирале.

„Анастомозите на артериите на бубрезите со три артерии се практично неможни за трансплантација. Но се потрудивме, успеавме и тоа да го направиме со тешки маки, меѓутоа успеавме. Веќе бубрезите промокрија за време на операцијата што е некој знак дека и во иднина ќе биде добро со диурезата“, рече д-р Дохчев.

Националниот координатор за трансплантација доктор Маја Мојсова-Мијовска верува дека земјава е на добар пат да направи етаблирана програма.

„Верувајте тешко е, не можам да кажам дека се уште имаме систем, но сме на добар пат да направиме систем и тоа мене многу ме радува како успех и како моја визија за трансплантацијата во земјава, изјави Мојсова-Мијовска.

Би можело да ве интересира

Почина жената на која и беше трансплантиран бубрег од свиња

Изведена мултиорганска трансплантација на органи – пациенти добија срце, црн дроб, бубрези

Катерина Ѓуровски

Направена уште една трансплантација на срце и бубрези од починат донор

ВИДЕО: Изведена првата потполна трансплантација на човечко око

Во земјава 140 лица чекаат за трансплантација на бубрези, околу 15 за срце и околу 14 за црн дроб

Одбележан Денот на органодарителството, за три години 67 лица добиле шанса за нов живот