Новоизбраната претседателка на бугарскиот Парламент, Ива Митева, денеска соопшти дека на првиот претседателски совет била донесена одлука пратениците да немаат одмор за Велигден.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, се разговарало и за формирање на првите неколку комисии во новиот 45-ти бугарски Парламент, како и за внесување во процедура на нацрт-законот за измена и дополнување на Изборниот законик. Измените се однесуваат на избирачките места во странство, Изборниот законик и гласањето на Бугарите во странство.
Бугарскиот Парламент ќе ја одржи својата прва редовна седница в петок, на која ќе биде сослушан премиерот Бојко Борисов. Ова е одлуката што ја соопшти претседателката на пратеничката група на „Стани! Излези!“ Маја Манолова.
На истата седница ќе се расправа и за предлогот на „Стани! Излези!“ за формирање на комисија за ревизија на владеењето на ГЕРБ, како и на првите три комисии – за правни работи, за здравство и за буџет.
Манолева објасни дека до завршувањето на реновирањето во поранешниот Партиски дом пратениците ќе заседаваат во старата зграда на бугарскиот Парламент.