Министерот за здравство Венко Филипче нема да нарачува дополнителни дози вакцини од Институтот за вирусологија и серуми „Торлак“ од Србија која ќе ја произведува руската вакцина Спутник В, нема да има нарачки ниту од било кој друг произведувач, бидејќи како што рече веќе се обезбедени 2 милиони и 600 илјади дози.
-Нам во овој момент не ни треба нарачка на вакцини затоа што согласно планот како што е димензиниран и сите досегашни договори имаме обезбедено 2 милиони и 600 илјади вакцини. По 800 илјади вакцини треба да стасаат преку системот Ковакс и директниот договор со „Фајзер“, потоа по 200 илјади руски и кинески вакцини, 100 илјади вакцини кои треба да дојдат како помош од системот на солидарност преку Европската унија и 500-те илјади вакцини на Синовак кои треба да стасаат во мај. Тука процесот е заокружен, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање по посетата на пунктот за вакцинирање во салата Борис Трајковски.
Тој истакна дека веќе имал состанок со директорката на „Торлак“, која укажала на нивните можности и планови.
-Ни кажаа дека покрај тоа што приоритет ќе им биде нивната земја и граѓани, приоритет ќе бидат и соседните земји на Србија што сметам дека е добра политика. „Торлак“ е единствената фабрика во светот на фармацијата во регионот која има можност за стерилно производство на тие ампули во пакување како вакцините. Нема ниту една друга компанија која тоа може да го направи, рече Филипче.
На институтот „Торлак“ во Белград, вчера почна производство на руската вакцината „Спутник В“.