Либанскиот министер за социјални прашања Ваел Абу Фаур ги обвини властите во соседна Сирија дека почнале етничко чистење на сунитите и дека смислено ги принудуваат бегалците да заминуваат за Либан, пренесоа британските медиуми.
Режимот во Дамаск, чија главна потпора се алавитите – шиитска секта, води борба против бунтовниците, кои се главно сунити.
Фаур, кој е друз, ги обвини силите на сирискиот претседател Башар ал Асад, дека спроведуваат етничко чистење на сунитите во реоните во близина на границата со Либан.
„Асад се обидува да ги пресели сите сунити во Либан и затоа очекувам уште бегалци“, рече тој по средбата со високиот комесар на ОН за бегалците Антонио Гутереш.
Фаур забележа дека на почетокот Сиријците бегале спонтано во Либан, но „ова што сега се случува е нешто наполно различно целно преселување на сирискиот народ, организирано врз основа на религиозни и политички мотиви“.
Гутереш ги повика светските сили да им дадат помош на сириските бегалци во Либан и на земјите кои ги прифатиле.
Конфликтот во Сирија избувна пред 27 месеци, кога почнаа мирни протести против режимот, што постепено прераснаа во крвава граѓанска војна. Тој доби религиозен предзнак откако шиитски Иран и либанското шиитско движење Хезболахго поддржаа Асад, додека сунитските земји, како Саудиска Арабија, ги поддржуваат бунтовниците.