Скопје за првпат ќе добие вистински вертикални градини по светски стандарди. На денешната прес-конференција, по повод изградбата на новиот комплекс „Гранд“, чиј инвеститор е компанијата МГ Фешн, главните архитекти на проектот меѓу другото ги претставија и зелените вертикални градини кои се предвидени да бидат дел од комплексот.
Архитектите истакнаа дека станува збор за прв проект кој ќе вклучува зелени вертикални градини од овој тип. Покрај тоа што создаваат здрава средина за жителите, вертикалните градини придонесуваат за регулирање на влажноста на воздухот, апсорбирање на СО2 и други загадувачи, филтрирање на честичките од прашина, апсорбирање на бучавата, но и редуцирање на потрошувачката на енергија со намалување на температурата на воздухот во летниот период.
Дополнително, овој дел од предвиденото зеленило обезбедува чувство на приватност и пријатност во урбаната средина и концепт, беше истакнато на прес конференцијата. Архитектите нагласуваат дека објектите се проектирани и дизајнирани на специфичен начин, со цел да одговорат на посебните барања и потреби за поставување, односно садење, одгледување и одржување на вертикалните градини.
Предвидените објекти ќе бидат со адаптиран дизајн за поставување на ваквиот вид зеленило. Проектирани се со наизменично протегање, прилагодена големина на терасите и соодветни висини, со цел да се обезбеди стеблата на дрвјата и растенијата да се извишуваат нагоре. Во објектите ќе биде имплементиран и посебен систем за одржување и наводнување, а во склоп на терасите ќе има посебно дизајнирани саксии и жардиниери, кои ќе овозможат дренажа и одводнување на водата.
Во однос на типот на зеленило кое ќе биде поставено, беше истакнато дека ќе се одбере локално зеленило, согласно локалните климатски услови, ветровите, длабочината и агресивноста на коренот итн. Проектот го надминува законскиот минимум од 20% зеленило од парцелата и во истиот се предвидени 6.520 м2 зелени површини, каде не се вкалкулирани вертикалните градини кои се дел од идејните решенија.
ПР текст