Чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петричек денеска ја информира јавноста дека е сменет и дека ја напушта функцијата шеф на чешката дипломатија.
Тој изјави дека неговото одбивање да ги вакцинира Чесите со нерегистрирани руски и кинески вакцини и предупредување за безбедносните аспекти на надградбата на чешките нуклеарни централи и ризиците од руски и кинески компании што учествуваат на тендерот за нуклеарната централа „Дуковани“ биле трн во око на чешкиот претседател Милош Земан.
-Си заминувам со крената глава. Не е тајна дека веќе долго време сум му трн во окото на претседателот. Во последно време од конкретни причини, како што е нуклеарната централа „Дуковани“, за која кажувам дека безбедноста е на прво место или прашањето за вакцинација, каде што исто така кажувам дека безбедноста и здравјето на нашите граѓани се клучни, рече Петричек на вонредната прес-конференција.
Претседателот Земан, кој врши притисок врз владата да ја увезе и одобри вакцината „Спутник В“ против Ковид-19 и лобира за учество на руски компании во изградбата на нови блокови на двете чешки нуклеарки „Дуковани“ и „Темелин“, во март отворено побара од премиерот Андреј Бабиш да ги замени министерот за здравство Јан Блатни и министерот за надворешни работи Томас Петричек.
Земан јавно му се закани на премиерот Бабиш дека доколку не ги смени двајцата министри противници на нерегистрираните вакцини, односите меѓу шефот на државата и премиерот ќе се влошат, што на Бабиш може да му го искомплицира оддржувањето на малцинската влада до изборите, бидејќи преживува единствено благодарение на провладините опозициски комунисти.
-Дури и доколку на владата и изгласаа недоверба јас ќе го оставев Бабиш да владее во оставка до изборите, рече претседателот Земан во неделата за таблоидот „Блеск“, откако Бабиш потклекна на притисокот и минатата недела го смени министерот за здравство, а денес и шефот на дипломатијата.
Претседателот Земан бара да не се земаат предвид предупредувањата на чешките безбедносни служби за можните ризици од учеството на руските компании во изградбата на нуклеарниот блок „Дуковани“ затоа што, како што рече во неделата, Русите веќе ја граделе централата од време на комунистичка Чехословачка и ништо не се случило, а тие користат руски гас и никој не се жали.