Пикот на третиот и најсилен бран на коронавирус кај нас, според министерот за здравство, Венко Филипче, е веќе зад нас. Тој вели дека веќе се чувствува мало олеснување во здравствениот систем.
„Вчера во текот на денот осетивме мало спласнување. Денес и бројката е нешто помала, околу 1200 треба да биде. Да не избрзуваме, мора да ја следиме состојбата и оваа недела, веројатно пикот е зад нас но тоа ќе го кажеме некаде на почетокот на следната недела“, рече министерот Филипче.
Досега се вакцинирани околу 15.500 граѓани, а денес до пладне вакцина примиле околу 1000 лица. Несакани ефекти, освен оној кај 28 – годишната девојка, засега нема.
„Несакани ефекти не се пријавени во МАЛМЕД. Локална реакција со мало црвенило и болка на местото на апликацијата не би требало ниту да се пријави оти нема клиничко значење“, рече министерот Филипче.
Тој уверува дека пристап до вакцината ќе имаат сите категории граѓани, вклучително и оние кои немаат матичен лекар. Иако секој има пристап до матичен лекар, и оние кои немаат одбрано, за вакцинација може да се обратат во Министерството за здравство од каде велат дека ќе им биде обезбеден термин.
Денес во салата „Борис Трајковски“ се вакцинираа здравствени работници и наставници од прво до трето одделение.