Бојко Борисов, чија партија ГЕРБ, според излезните анкети e победник на вчерашните парламентарни избори, ги повика противниците да се здружат, навестувајќи ја идејата за формирање широка влада.
„Јас ви нудам мир. Дозволете ни да назначиме експерти и до декември можеме да ја надминеме пандемијата и да одиме напред“, вели Борисов во видеото на Фејсбук. „Тоа е мојата понуда до сите вас. Дозволете ни да ги избереме најдобрите луѓе да ја завршат работата. Обединети сме силни“ – вели Борсов во видео обрќање на социјалните мрежи.
По обработени 54,63 отсто од протоколите од избирачките места во Бугарија, коалицијата предводена од премиерот Бојко Борисов ГЕРБ – СДС има 24,88 отсто од гласовите на изборите за новиот бугарски парламент, објави Централната изборна комисија.
Партијата на шоуменот и ТВ водител Слави Трифонов „Има таков народ“ доби 18,74 проценти и ја одржува тенденцијата да биде втора политичка сила во Бугарија по вчерашните парламентарни избори во земјата.
БСП на Корнелија Нинова доби 14,91 процент од гласовите, а „Демократска Бугарија“ на поранешниот министер за правда Христо Иванов 10,53 проценти, Движењето за права и слободи на Мустафа Карадаи 8,99 отсто, а „Исправи се! Мутри излези!“ на поранешниот народен правобранител на Бугарија Маја Манолова доби 4,98 отсто, што е мало зголемување во споредба со првите резултати минатата ноќ.
Според податоците на Централната изборна комисија, ВМРО на Каракачанов засега не влегува во следното Бугарско национално собрание затоа што не го поминува прагот од 4 отсто, односно има – 3,55 проценти од гласовите. Под прагот остануваат партијата на најбогатиот бугарски бизнисмен, кој се крие од правдата во Дубаи – Васил Божков, чија формација БНО доби 3,14 отсто, како и партијата „Преродба“, која има 2,79 проценти од гласовите.