Истражувањето на Министерството за локална самоуправа во соработка со УНДП, во однос на тоа како ковид-кризата се одразува на функционирањето на општините и од аспект на нивните приходи и расходи, покажува дека во вториот квартал на 2020 во однос на истиот период во 2019 година приходите се намалени во 26 општини, а расходите во 49 општини. Сепак, Министерството за локална самоуправа и УНДП од таа причина го започнаа проектот „Пост Ковид-општините како двигатели на одржливиот развој“, за што се издвоени 700.000 долари.
Податоците од истражувањето покажуваат дека некои општини кај кои што немало намалување на приходите, се воздржале од расходи. Главно станува збор за одложување на изградба на инфраструктурни објекти, што понатаму се одразува и на приходите на општината.
Со тоа може да се заклучи дека, како на централно така и на локално ниво здравствената криза има влијание, но не станува збор за загрозување на вршењето на надлежностите, ниту пак состојба која што засега драматично ја загрозува финансиската стабилност на општините.
Имено, не станува збор за загрозување на обезбедувањето на клучните услуги за граѓаните, како што се образование, детски градинки и слично заради недостиг на финансиски средства, затоа што овие услуги се финансираат од Блок дотации кои што ги обезбедува државата и кои што останаа на истото ниво со тенденција во иднина да се редефинираат за да се обезбеди поголем квалитет на услугите без продуцирање на загуби кај општините.
Ковидот има влијание на начинот на обезбедување на услугите во образованието со изведувањето на наставата, во згрижувањето на децата во детските градинки и слично поради примената на заштитните мерки што ги комплицира работите, но и покрај сите попатни проблеми услугите се обезбедуваат.
– Презедовме заедничка акција за поддршка на општините во обезбедување на витални услуги за граѓаните. Имплементираме дополнителни мерки за да ги намалиме последиците, но и да создадеме постковид амбиент во којшто општините ќе можат посилно да го придвижат локалниот развој. Здравствената криза која што трае една година и се уште е неизвесно до кога, е закана по здравјето на луѓето, одзема животи, но има и многу други разорни последици- безмилосно ги исцрпува ресурсите на државата, вели во разговор за МИА министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Тој посочи дека општините кои што се одговорни за испорака на најсуштинските услуги, оваа година биле изложени на дополнителни трошоци за да обезбедат услови за елементарна заштита и помош на граѓаните.
Целта на проектот е да овозможи регионалниот и локалниот развој да бидат инклузивни, родово сензитивни, засновани на докази и насочен кон задоволување на потребите на најмалку развиените општини чии заедници се најтешко погодени од Ковид-19 пандемијата.
– Овој месец со УНДП започнавме со имплементација на проектот „Пост Ковид-општините како двигатели на одржливиот развој“. Целта е да ја поттикнеме меѓуопштинската соработка со цел општините да ги обезбедуваат услугите на поиновативен начин што ќе значи и подобар квалитет, позадоволни граѓани, но и заштеда на ресурси, изјави Милевски за МИА.
Министерот нагласи дека поддршката на Министерството за локална самоуправа за општините е секогаш присутна.
Во однос на тоа што треба да се направи за да се обезбеди поголема финансиска стабилност и самостојност на општините, Милевски рече дека финансиската стабилност е условена од двете нивоа на власт. Со соодветен трансфер на средства, како што нагласи, од централно на локално ниво за извршување на надлежностите, но и со добро менаџирање и одговорно и отчетно работење на локалните власти.
– Владата во изминатиот мандат со Закон ги покри долговите на општините во износ од 51 процент за што беа обезбедени три милијарди денари, додаде Милевски.
Имено, во новата Програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026 година која што е во Владина процедура на усогласување со другите надлежни министерства и институции се предвидени низа мерки за финансиска стабилност на општините, односно постепено зголемување на приходите на општините преку зајакнување на сопствените извори на приходи, зголемување на наплатата на сопствените, локалните даноци и такси, како и повисоки трансфери од централниот буџет, унапредување на внатрешната контрола и ревизија од страна на општините, доследна примена на правилата за фискална транспарентност вклучувајќи навремено пријавување и евидентирање на обврските, како и поголемо вклучување на јавноста во планирањето на буџетите.
– Се планира и пренесување на нови надлежности, децентрализацијата нема да застане, напротив ќе продолжи во сите области каде што ќе бидеме сигурни дека општината ќе обезбеди подобар пристап до услугата, потенцираше министерот за локална самоуправа.
Во февруари Владата донесе одлука за формирање на работен тим на политичко ниво, со кој раководи Милевски како министер за локална самоуправа.
– Треба многу брзо да подготвиме оперативен план врз основа на кој ќе се пристапи кон измена на законите за да се создадат нормативни услови за новиот трансфер на надлежности и ресурси на општините. Во тек е конечното усогласување со ресорните министри во однос на новите функции од различни сектори за кои што има услови да бидат децентрализирани. Очекувам овие активности да бидат заокружени набрзо, по што ќе бидат подготвени конкретни предлог решенија кои што ќе бидат доставени до Владата на усвојување, наведе Милевски.
Околу реализирањето на проектите како Министерство во насока на справување со ковид-кризата, Милевски рече дека Министерството не застанало во спроведувањето на планираните активности, иако и здравствената криза го направила процесот посложен. Вели дека клучните проекти се реализираат во континуитет, со голема поддршка од Амбасадата на Швајцарија, УНДП и Делегацијата на Европската Унија.
– Ја подготвивме новата Стратегија за регионален развој што е во собраниска процедура. Во јануари беше донесен новиот Закон за рамномерен регионален развој, ја подготвивме новата Програма за оддржлив локален развој и децентрализација. Тоа се најзначајните стратешки документи во областа кои што ги определуваат целите, приоритетите и мерките за побрз развој на општините и на планските региони, истакна Милевски.
Министерот за локална самоуправа посочи дека реализирале нови осум инвестициски и осум иновативни проекти во сите осум плански региони во вредност од 1,5 милиони швајцарски франци, средства од Буџетот и од швајцарската Влада.
– Зголемен е капацитетот и подобрени се условите во домот за згрижување на стари лица во Берово, целосно е реконструиран и адаптиран ученичкиот дом во Куманово, подобрени се условите за живеење и учење на 120 ученици, создадени се услови за ученици со лесна физичка попреченост и за згрижување на жртви на семејно насилство. Исто така опремивме сензорни соби во Кочани, Штип и во Делчево за психофизички развој на децата со потешкотии во развојот, набавивме опрема за стекнување на вештини и професионално оспособување и реинтеграција на маргинализирани лица во Југоисточниот плански регион, го реновиравме и обезбедивме греење на базенот за рехабилитација во болницата Св. Еразмо во Охрид, посочи Милевски.
Тој додаде дека на листата успешни проекти се и инсталираните 23 агрометеролошки станици во сите 10 општини во Југоисточниот плански регион како и комплетниот ремонт на агрометеоролошките станици во Пелагонискиот плански регион. Додаде дека се поставени пластикмати за рециклирање на отпад во Североисточниот плански регион, реконструирано и доградено е полетувалиштето за параглајдеристи во Крушево за развој на авантуристистички туризам во Пелагонискиот плански регион, а по 40 години целосно се реконструирани двата ски лифтови на Пониква во должина од 692 метри,за развој на туризмот во Источниот плански регион.
– Во текот на минатата година реализиравме 26 проекти за рамномерен развој во осумте плански региони во вредност од 321 580 000 денари, 18 проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби во вредност од 36 000 000 денари и 14 проекти за развој на селата во вредност од 15 460 000 денари, за подобра комунална и патна инфраструктура, сите финансирани од Буџетот на државата, нагласи министерот за локална самоуправа.
Тој посочи дека во тек е оценувањето на проектите кои што биле аплицирани на повикот од Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија во вкупна вредност од скоро пет милиони евра. Во рамките на оваа ИПА Програма досега се реализирани 14 проекти во вкупна вредност од околу шест милиони евра.
– Во Министерството е отпочнато и оценувањето на проектите за развој на планските региони кои што ги доставија осумте регионални Центри, а набрзо ќе почне и оценувањето на проектите за развој на селата и на специфичните развојни подрачја кои што ги доставуваат општините. Сите овие проекти кои што решаваат конкретни проблеми на граѓаните, ќе почнат да се имплементираат во првата половина од годината. Ова е значителен поттик за планските региони и за општините во подобрувањето на квалитетот на живеење на граѓаните и затоа настојувам овие средства од година во година да се зголемуваат, за да можеме да реализираме поголеми проекти кои што ќе направат разлика, додаде Милевски.
Министерот истакна дека во напредна фаза е процесот на програмирање на ИПА 3 за подготовка на новите Програми за прекугранична соработка на Северна Македонија со Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија и на Програмата Балкан-Медитеран. Додаде дека со надлежните министерства од соседните земји веќе ги идентификувааат и стратешките проекти за наредниот програмски период.
Тој ја посочи дека има уште една отворена можност за реализација на корисни и големи проекти во општините, односно повикот на Делегацијата на ЕУ за проекти „ЕУ за општините”, во вредност од пет милиони евра.