Со црна статистика на 50 починати во последниве 24 часа, Македонија се искачи на 11. место во светот според смртност од Ковид-19 на еден милион жители. Ова го покажува веб-страницата „Ворлдметерс“, каде што постојано се ажурираат податоците за коронавирусот во секоја држава во светот.
Денеска во Македонија починале приближно ист број луѓе како во цела Велика Британија, каде што има 52 смртни случаи, а земјата има над 68 милиони жители. Во Германија, каде што има над 83 милиони жители, денеска има 58 смртни случаи од Ковид-19. Ситуацијата со Ковид-19 е лоша и во Босна и Херцеговина, каде на над 3 милиони жители, денеска има 88 починати како последица на вирусот.
Со ваквите поразителни статистики, според „Ворлдметерс“, земјава се искачи на 11. место во светот според смртноста од Ковид-19, на еден милион жители.
Пред нас, поголема смртност на еден милион жители, од соседните држави, имаат Бугарија, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Досега во Македонија 3.860 луѓе починаа како последица на Ковид-19.