Во борбата да се привлече внимание и да се биде пет минути славен, некои „јутјубери“ одат во бизарни крајности и смислуваат најчудни начини за да стигнат до кликовите.
Џими Доналдсон, на Јутјуб познат како MrBeast, реши да помине 50 часови закопан два метра под земја, во мртовечки сандак, и сето тоа да го забележи на видео од 12 минути.
„Сакам да се движам, ама не можам. Почнувам да чувствувам клаустрофобија, здодевно ми е, ме боли грбот, мирисам лошо,“ рече тој по 20 часови поминати во сандакот.
За да се осигура дека нема да излезе порано од предвидените 50 часа, Доналдсон се договорил со пријателите да го „протресат“ со електрошокови ако се предомисли и тргне да се откажува од предизвикот.
На крајот, по цели 50 часа, Доналдсон се расплака.
„Вака изгледа кога си жив закопан. Плачам од среќа што излегувам, ова беше глупаво“, призна јутјуберот.
Тој сепак ја исполни целта – видеото досега има преку 52 милиони прегледи.