Десетици руски лекари денеска испратија апел затворениот дисидент Алексеј Навални да добие итна медицинска помош, откако се појавија извештаи дека тој страда од проблеми со грбот, јави ДПА.
Во отвореното писмо до шефот на затворската управа, лекарите повикуваат Навални да добие соодветен третман за да се избегне „опасноста по неговиот живот и здравје“.
ДПА пренесува дека лекарите бараат невролог да добие дозвола за пристап до Навални и врз него да се применат современи дијагностички техники. Тие, исто така, кажуваат дека 44-годишниот затвореник се уште е слаб, откако преживеа напад со нервниот агенс „Новичок“ во август минатата година.
Навални во изминатите десетина дена неколку пати посочи дека е малтретиран во затворскиот логор, додавајќи дека добил шест опомени, вклучувајќи и една за прерано станување.
Неговите сојузници, исто така, соопштуваат за нови случаи на репресија врз нив и најблиските. Така, на пример, неговиот приврзаник Иван Жданов денеска соопшти дека неговиот 66-годишен татко е уапсен со измислени обвинувања.
„Тие сакаат животот да ми го направат пекол“, напиша Жданов на Фејсбук.
Навални на почетокот на февруари беше осуден на затворска казна што ќе ја издржува во казнен логор заради прекршување на условите за привремено ослободување од претходната казна, додека заздравуваше во Германија од нападот со отровниот агенс.
За труењето овој најпознат руски дисидентот го обвини рускиот претседател Владимир Пути, а неговото затворање, смета тој, е лична одмазда затоа што го преживеа нападот, пренесе ДПА.