Денеска се завршуваат сите административни работи во Агенијата за лекови во однос на дозволата сериите кои стигнаа во нашата земја на вакцините „АстраЗенека“ да бидат пуштени во употреба. Денеска и утре тие ќе се дистрибуираат во сите градови и во среда ќе почне процесот на имунизација, така како што најавивме, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој рече дека 20 000 граѓани кои се веќе пријавени и се на возраст над 75 години во текот на денешниот и утрешниот ден преку матичните лекари ќе добијат термини согласно местото на живеење во кој пункт и во кое точно време од среда натаму да се јават на вакцинација.
– Во однос на останатите активности разговараме со повеќе заинтересирани институции, постепено се генерираат и други списоци од други извори за понатаму во текот на месецот да бидеме подготвени и други категории граѓани да се вклучат во процесот на имунизација. Во делот на масовната имунизација тоа е оној голем пункт во Спортската сала „Борис Трајковски“, од денеска односно утрешниот ден почнуваат подготовките и во текот на неделата тој ќе биде целосно подготвен. Тука ќе има 30-тина позиции во кои вработени лекари, сестри од Здравствениот дом ќе ја спроведуваат вакцинацијата тогаш кога ги очекуваме и дополнителните количини да стигнат од Кина, истакна Филипче.
Според најавите од кинеската Амбасада, појасни, сега тие интензивно работат во делот на обезбедување на точниот датум на транспорт.
Тој рече дека компанијата „Фајзер“ конечно го потврдила одговорот.
– Како услов за договор има специјален компензациски фонд и во петокот стигна потврда дека оваа недела треба да се потпишат договорите со земја-членка на ЕУ како трипартитни договори и тоа е потворно со компанијата „Фајзер“, рече Филипче.
Нагласи дека април ќе биде месец кога се очекува вакцини да стигнат од повеќе места и после оваа приоритетна група граѓани над 75 години и други граѓани да се повикаат и да бидат вакцинирани.
Во однос на болниците, тој потенцира дека изминатата недела посебно и викендот исто така огромен број пациенти побарале болничка заштита или им била индицирана после направените прегледи.
– Ние во делот на координација и консултација со сите директори на јавните здравствените установи каде се лекуваат пациенти од Ковид-19 направивме целосна реорганизација и на хирушките клиники и на Клиниката за педијатрија и сега имаме дополнителни стотина кревети празни во овој момент на Клиниката за урологија и два спрата на Клиниката за педијатрија каде може да се примат пациенти. Тоа е нешто што ќе биде резерва за овие следни денови, посочи Филипче.
Најави дека од утре почнува да се користи капацитетот на Центарот за рехабилитација во Капиштец каде веќе е поставен кислород на еден од спратовите, 40-тина кревети се оспособени да примаат пациенти, а инсталацијата ќе продолжи во следните денови додека не се постави кислород на сите 180 кревети. Според него, тоа е една сериозна резерва на слободни кревети.
– Во Куманово има голем притисок. Разговаравме утрово со директорката на болницата, се прават реорганизациски активности во делот на останатите оддели, освен сега зафатените. Штип тоа го координира заедно со болницата во Кочани, Струмица со Гевгелија. Во Кавадарци сериозно е намален притисокот, има сериозно намалување на инциденцата во однос на тоа што беше претходен двонеделен просек, што ни дава за право да мислиме дека тоа е циклусот од шест до осум недели така како што беше оној бран во ноември. Исто така има доволен капацитет во Велес, Тетово и Гостивар кои им излегуваат во пресрет на третман на пациентите и од Кичево. На истиот начин има координација меѓу Струшката и Охридската болница. Во Прилеп и во Битола се уште не се во функција модуларните болници, нема потреба, а се подготвени да бидат ставени во функција ако за тоа се укаже потреба како резултат на поголем наплив на пациенти, рече Филипче.
Тој истакна дека граѓаните треба да ги почитуваат мерките.
– Ова е еден специфичен период. Има доволно болнички места нема потреба за паника. Со почитување на превентивните мерки сите помагаме трансмисијата на вирусот да се намали, додаде Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во еден дел и во одредени струки се намалил бројот на закажување прегледи и тоа ќе биде така во следните две или три недели.
– Ќе видиме како ќе одвива работата околу притисокот кон болниците. Сите овие слободни кревети што ги кажав практично се кревети за кои имаме обезбедено кадар. Значи ги кажуваме со план како и на кој начин ќе работат под покровителство на лекар, интернисти од делот на пулмологијата, имаме направено систем и тоа важи и за Клиничкиот центар и надвор од Клиничкиот центар, а во рамки на болниците ширум државата, интернисти од самите болници. Креветите не ги кажуваме само како бројка, туку се дел од системот веќе и доколку треба ќе бидат ангажирани и има кадар кој ќе работи таму, посочи Филипче.