Здравствениот систем деновиве се соочува со најголемиот предизвик до сега, состојбата во болниците е алармантна, но и покрај тоа со секојдневни напори се оспособуваат нови оддели за хоспитализација на ковид пациенти. Во исто време болниците се отворени и за болни кои имаат итни здравствени проблеми и им е потребна брза лекарска интервенција, за хронични пациенти чија состојба се влошила, за прегледи на болни кои мораат да ја контролираат редовно здрвствената состојба – ова е пораката по утринскиот координативен состанок на министерот за здравство, Венко Филипче со директорите на ковид центрите во Скопје.
„Вработените во болниците дават натчовечки напори за да ги згрижат сите пациенти. Здравствениот систем го работи она што никогаш не го работел до сега, соочен со напливот на пациенти со тешка клиничка слика, болни кои имаат потреба од лекарска помош чиј број од час во час се зголемува. Министерот за здравство, заедно со директорите на болниците, лекарите и медицинскиот персонал, прават се што е во нивна моќ за пацинетите да добијат најдобра можна нега“ – се вели во соопштението од Министерството за здравство.